вропската централна банка (ЕЦБ) ги претстави предлозите за новата серија евро-банкноти и започна јавна консултација во која ги повикува граѓаните од цела Европа да го дадат своето мислење за идниот изглед на парите.
Во потесниот избор влегоа вкупно десет различни дизајни, кои се базираат на две главни теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, истакна дека банкнотите не се само средство за плаќање, туку и симбол на заедничкиот европски идентитет.
Предлозите се резултат на натпревар за дизајн на ниво на Европската Унија, на кој пристигнале повеќе од 1.200 апликации од графички дизајнери. Од нив, 25 биле избрани да поднесат финални решенија, а независно жири составено од 21 експерт од областа на дизајн, комуникации, невронаука и историја ги селектирало десетте најдобри.
Сега граѓаните имаат можност да учествуваат во изборот преку онлајн анкета што ќе трае до 21 септември 2026 година. Паралелно, независна истражувачка компанија ќе спроведе дополнителна анкета на репрезентативен примерок од граѓани во еврозоната.
ЕЦБ најави дека конечната одлука за новиот дизајн ќе биде донесена до крајот на годината, врз основа на мислењето на јавноста, стручните проценки и заклучоците на жирито.
По изборот, дизајнот ќе помине низ дополнителен развој и тестирање, а новите евро-банкноти се очекува да влезат во оптек во следните години. Постоечките банкноти ќе останат валидни и ќе циркулираат заедно со новите.
Ова ќе биде првото целосно редизајнирање на евро-банкнотите од нивното воведување во 2002 година, со цел готовината да остане безбедно, ефикасно и достапно средство за плаќање.