Нова поделба во AI светот: дали е добар асистент или лош шеф ?

AI сè повеќе ја менува работата, но не сите ја користат како алатка. За дел од работниците таа веќе функционира како невидлив шеф кој врши надзор, контрола и притисок.

Дебатата за тоа како вештачката интелигенција ќе влијае врз работниците е заглавена на погрешно место. Вистинската опасност што вештачката интелигенција ја носи за работата не е само губењето работни места, туку растечката поделба меѓу луѓето кои ја користат AI за да ги прошират своите вештини и оние чии работни животи сè повеќе се обликувани од нетранспарентни AI системи за надзор и контрола.

Од една страна се предупредувањата дека машините ќе преземат милиони работни места. Од друга страна се тврдењата дека AI ќе ја засили продуктивноста. Но и двете приказни го промашуваат она што веќе се случува на работните места низ светот, од Британија, преку Кенија, до САД.

За дел од подобро платените професии, како аналитичари, адвокати, консултанти, академици или менаџери, AI може да биде корисен „копилот“. Таа може да ги скрати рутинските задачи, да помогне во анализа и да остави повеќе простор за креативна работа и подобро одлучување.

Но за многу други работници, AI не е асистент, туку нов вид шеф. Во магацини, достава, малопродажба, угостителство, корисничка поддршка и гиг-економија, алгоритмите веќе одлучуваат кој ќе добие смена, колку време треба да трае една задача, колку брзо се движи работникот и дали неговиот учинок е „доволен“.

Една третина од работодавците во Велика Британија веќе користат таканаречена „bossware“ технологија за следење на онлајн активностите на работниците. Овој веќе присутен надзор врз работниците е само најава за она што допрва може да дојде.

Работодавците ја користат AI за да им дадат моќ на едни работници, додека други ги изложуваат на поинтензивни и понехумани форми на надзор. Таа создава нови можности на врвот на пазарот на труд, а ја стега контролата на пониските нивоа.

Токму тука е главниот проблем. Кога секој клик, чекор, повик или пауза може да биде измерена од систем што работникот не го гледа, не го разбира и не може да го оспори, работата станува постресна и помалку човечка. Надзорот се претставува како ефикасност, но во пракса често значи поголем притисок и помалку автономија.

Затоа дебатата не треба да биде само дали AI ќе ни ги земе работните места. Прашањето е кој ќе има право да ја користи AI како алатка, а кој ќе биде управуван од неа. Ако подобро платените работници добиваат обуки и предности, а послабо платените само надзор и контрола, тогаш AI нема да донесе заеднички напредок, туку уште подлабока нееднаквост.

Потребни се и основни демократски принципи на работното место. Системите што влијаат врз платата и оценувањето на перформансите треба да бидат транспарентни и оспорливи. Најважно од сè, работниците треба да имаат глас во тоа како овие технологии се воведуваат. AI не смее да биде нешто што се користи врз луѓето зад затворени врати, а потоа да се оправдува со јазикот на ефикасноста.

Таа треба да биде обликувана од луѓето чии животи ќе ги засегне. Истражувањата покажуваат дека вклучувањето на работниците во процесот го подобрува квалитетот на нивната работа и им помага на работодавците поефикасно да ја интегрираат AI.

Изборот за тоа како AI ќе ја преобликува работата не се носи само во управните одбори во Силициумската долина или во говорите на самитите. Тој се носи токму сега, работно место по работно место, секаде низ светот.

И ако не обрнеме внимание на овие прашања, новата AI поделба ќе стане уште една нееднаквост што доаѓа тивко, се вградува длабоко и ќе ја препознаеме премногу доцна, кога веќе ќе биде насекаде.

е-Трн да боцка во твојот инбокс