Без масовно складирање енергија нема стабилна електроенергетска мрежа, а без стабилна мрежа нема ниту успешна енергетска транзиција. Токму затоа вниманието на европската енергетска индустрија сега е насочено кон Лауфенбург, каде што се гради најголемата редокс проточна батерија во светот. Проектот го развива швајцарската компанија „ФлексБејс Груп“, а системот ќе има капацитет од 2,1 GWh и моќност од 1,2 GW — што е споредливо со производството на нуклеарна централа.
Гигантска батерија во срцето на Швајцарија
Во последните месеци тешка механизација копа огромен кратер со површина колку два фудбалски терени и длабочина како осумкатница. Токму таму ќе биде сместен новиот енергетски гигант. Целта на проектот е складирање на вишокот електрична енергија и нејзино испорачување кога потрошувачката е најголема, што е клучно за стабилноста на европската мрежа.
Иако звучи футуристички, редокс проточната батерија не е нов изум. Концептот потекнува уште од 1879 година, додека посериозен развој започнал во 1980-тите, кога НАСА развивала батерии за вселенски програми. Системот функционира преку два резервоари со течни електролити кои циркулираат низ централна ќелија. Со размена на јони преку мембрана, енергијата се складира или ослободува.
Главната предност е што нема значително абење на компонентите, нема ризик од прегревање, а електролитот што го користи „ФлексБејс Груп“ содржи дури 75 проценти вода, нетоксичен е, незапалив и може да се рециклира.
Главната причина поради која редокс батериите досега не доминираа беше помалата густина на енергија во споредба со литиум-јонските батерии. Но тие имаат една огромна предност, можат практично неограничено да се полнат и празнат без губење на перформансите. Тоа ги прави многу поисплатливи на долг рок, особено за период од 20 до 30 години.
Пазар вреден стотици милијарди долари
Индустријата за складирање енергија денес вреди околу 295 милијарди долари, а до 2030 година се очекува да надмине 465 милијарди долари. Во 2025 година глобалните инсталирани капацитети пораснале за повеќе од 50 проценти и достигнале 315 GWh. Кина моментално е лидер во секторот и инсталирала повеќе капацитети од остатокот од светот заедно, додека Европа забрзано се обидува да го намали заостанувањето.
Досега најголем дел од складирањето енергија зависеше од реверзибилни хидроелектрани, но нивниот развој е ограничен поради географските услови и долгите административни процедури. Затоа батериите стануваат клучен дел од идната енергетска инфраструктура.
Литиум-јонските батерии доминираат кај краткорочното складирање, додека технологии како редокс батериите, компримиран воздух и гравитациски системи се гледаат како решение за долгорочно складирање на енергија. Проектот во Лауфенбург токму тоа и го претставува можен почеток на нова ера во европската енергетика.