Француз развил симптоми на хантавирус за време на лет по напуштање на крузер
Француски државјанин кој бил евакуиран од крузерот MV Hondius развил симптоми на хантавирус за време на лет од Тенерифе кон Париз, потврди францускиот премиер Себастиен Лекорну. Поради појавата на симптоми, сите пет евакуирани патници од истиот лет биле веднаш ставени во строга изолација.
Овие патници се дел од група од над 90 туристи кои биле евакуирани од бродот, на кој претходно биле регистрирани повеќе смртни случаи поврзани со хантавирус.
Строги мерки на аеродромот и во болниците
По слетувањето на аеродромот Le Bourget Airport, патниците биле пречекани од медицински тимови во целосна заштитна опрема и веднаш пренесени во болницата Hôpital Bichat. Таму ќе останат во 72-часовна карантина, по што следува 45-дневна домашна изолација.
Слични мерки се спроведуваат и во други држави, во Шпанија, дел од патниците се сместени во воена болница во Мадрид, во САД, патници се транспортирани во специјални биолошки изолациски единици, во Обединето Кралство, патниците се под здравствен надзор во Манчестер и во Холандија и други земји, се спроведува карантин и следење на контактите
Операција под надзор на Светската здравствена организација
Целата операција на евакуација и следење се одвива под координација на Светска здравствена организација (СЗО). Крузерот се наоѓа под посебен здравствен надзор, а медицински тимови го спроведуваат процесот на искрцување на патниците.
Хантавирусите најчесто се пренесуваат преку глодари, но сојот „Andes“ може да се пренесува и од човек на човек, што предизвикува поголема загриженост кај здравствените власти.
Симптомите вклучуваат: висока температура, силен замор, болки во мускули, повраќање и дијареа и отежнато дишење. Иако постои загриженост, експертите нагласуваат дека ризикот од ширење на глобална пандемија е сè уште низок.