Поранешен полски министер избегал во САД со новинарска виза: Обвинет за милионски проневери

Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро избегал во САД со новинарска виза, додека во Полска е баран за проневера, злоупотреба на функција и незаконско користење на шпионскиот софтвер „Пегасус“.

Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, по кого во Полска е распишана потерница за повеќе тешки кривични дела, избегал во Соединетите Американски Држави. Бегството следувало откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар најавил дека Унгарија повеќе нема да обезбедува засолниште за лица барани од други држави.

На тој начин била укината заштитата што владата на Виктор Орбан му ја обезбедила на Зиобро преку азил минатата година. Зиобро ги отфрла сите обвиненија, објави The Guardian.

По изборниот пораз на партијата на Орбан во април, Маѓар изјавил дека Унгарија повеќе нема да биде „безбедно прибежиште за криминалци по кои се распишани меѓународни потерници“.

Како примери ги навел Зиобро и неговиот поранешен заменик Марцин Романовски, кој е осомничен за проневера на речиси 40 милиони евра.

„Се наоѓам во Соединетите Американски Држави“, изјавил Зиобро за десничарската полска телевизија Telewizja Republika.

Му се закануваат до 25 години затвор

Во Полска, Зиобро се соочува со можна казна до 25 години затвор доколку биде осуден. Обвиненијата против него вклучуваат злоупотреба на службена должност, водење организирана криминална група и користење средства наменети за жртви на криминал за набавка на израелскиот шпионски софтвер Pegasus.

Според обвинителите, софтверот бил користен за следење политички противници. Зиобро ги нарече обвиненијата „лов на вештерки“ од страна на центристичката влада во Полска. Либералната телевизија TVN24 објави фотографија од поранешниот министер на аеродромот Newark Liberty International Airport.

Не е познато како Зиобро успеал да влезе во САД, бидејќи полските власти претходно соопштиле дека му се поништени сите патни документи, вклучително и дипломатскиот пасош. Полскиот портал Onet објави дека Зиобро добил американска новинарска виза поврзана со телевизијата Republika.

Полска најави барање за екстрадиција

Актуелниот полски министер за правда Валдемар Журек изјави дека Полска ќе контактира со САД и Унгарија за да утврди на која правна основа Зиобро влегол во Америка.

„Нема да се откажеме од напорите тој и Марцин Романовски да одговараат пред полското правосудство“, порача Журек.

Тој додаде дека, доколку се потврди присуството на Зиобро во САД, Полска ќе побара негова екстрадиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни