Кириите во ЕУ главни градови се над минималната плата: Париз, Лисабон и Прага меѓу најскапите

Анализа на ETUC покажува дека во многу ЕУ главни градови киријата за стан со две спални ја надминува бруто минималната плата, со највисоки трошоци во Прага, Лисабон и Париз.

Кириите во повеќе европски главни градови значително ја надминуваат бруто минималната плата, покажува анализа на Европската конфедерација на синдикати (ETUC) базирана на податоци од Евростат. Во голем број градови, работниците со минимална плата не можат да си дозволат ни просечна кирија за стан со две спални соби без да го потрошат целиот свој приход, па дури и да имаат недостиг.

Најтешка состојба има во Прага, каде киријата изнесува околу 1.710 евра, додека минималната плата е 924 евра, што значи дека за стан е потребно 185% од платата. Слично е и во Лисабон, каде киријата од околу 1.710 евра е далеку над португалската минимална плата од 1.073 евра, која се исплаќа во 14 рати годишно.

Високи трошоци има и во Будимпешта, Братислава, Софија, Атина и Рига, каде киријата се движи меѓу 151% и 159% од минималната плата. Во овие градови работниците мораат да издвојат повеќе од една плата месечно само за домување.

Ситуацијата е слична и во Париз, каде киријата за двособен стан е околу 2.523 евра, додека минималната плата изнесува 1.823 евра, како и во Мадрид, Даблин, Варшава, Талин, Вилнус, Љубљана и Валета, каде трошоците за стан исто така ја надминуваат минималната плата. Најповолни услови за работници со минимална плата има во Брисел, каде платата покрива околу 70% од киријата, како и во Берлин, каде односот е околу 76%. Подобра достапност на домување има и во Луксембург, Хаг и Никозија, каде кириите се поблиску до нивото на минималната плата.

Според ETUC, оваа состојба создава сериозен притисок врз работниците во Европа, бидејќи трошоците за домување растат побрзо од платите, што доведува до сè потешка финансиска состојба и намалена куповна моќ во урбаните средини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни