Освоил милион долари на лотарија, па добил депортација од САД

Американските имиграциски власти во Бостон го уапсија државјанинот на Ел Салвадор Ариел Веласкез-Моралес само неколку дена откако јавно позираше со добитниот чек.
Фото: Massachusets State Lottery

Ариел Веласкез-Моралес, државјанин на Ел Салвадор, е уапсен од американската Служба за имиграција и царина (ICE) во Источен Бостон, само неколку дена откако Државната лотарија на Масачусетс објави негова фотографија со добивка од еден милион долари. Имиграциските власти соопштија дека тој нелегално престојува во Соединетите Американски Држави повеќе од една деценија и дека постои правосилен налог за негова депортација уште од 2014 година.

Државната лотарија на Масачусетс изминатиот викенд на социјалните мрежи објави фотографија на која Веласкез-Моралес насмеан држи голем чек на милион долари. Во вторникот, неколку дена по објавата, припадниците на ICE го приведоа во Источен Бостон, во истата населба каде што во локална продавница купил грепка од 10 долари во играта „$2,000,000 50X Cashword“.

Помошникот директор на ICE за односи со јавноста, Мајка Бок, во соопштението за апсењето изјави дека на добитникот му снемало среќа. Агенцијата не соопшти дали токму јавната објава за добивката на лотарија го привлекла нивното внимание, ниту пак откри во кој објект за притвор се наоѓа Веласкез-Моралес.

Според податоците на американските власти, Веласкез-Моралес нелегално влегол во САД во 2013 година преку долината на реката Рио Гранде во Тексас, за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама. Граничната патрола тогаш му врачила судска покана, му дала список на организации за бесплатна правна помош и го пуштила во земјата.

Имиграциски судија при Министерството за правда на САД во 2014 година издал налог за негова депортација, но тој останал во државата. Од ICE наведоа дека Веласкез-Моралес ќе остане во притвор до извршувањето на депортацијата, додавајќи дека под водство на актуелниот претседател Доналд Трамп и министерот за внатрешна безбедност Марквејн Малин строго ги спроведуваат имиграциските закони. За време на вториот мандат на Трамп, бројот на притворени лица од страна на ICE достигна речиси 66.000, што претставува зголемување од 70 проценти во споредба со јануари 2025 година.

Во играта на среќа каде што играчите гребат полиња за да состават зборови, Веласкез-Моралес открил 11 зборови на својата прва среќка од тој вид. Наместо исплата на рати, тој избрал еднократна исплата на наградата, која според наводите на ICE изнесува 650.000 долари пред оданочување.


Правилата на лотаријата во Масачусетс не бараат од играчите да имаат регулиран престој во САД за да учествуваат или да подигнат добивка. Единствените услови се купувачот да има најмалку 21 година и во моментот на купувањето на среќката физички да се наоѓа на територијата на оваа сојузна држава. Американските институции засега не објавија што ќе се случи со исплатените финансиски средства по неговото приведување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс