Раководството на ТИТАН Усје и претставниците на синдикатите договорија дополнително зајакнување на меѓусебната соработка и континуирано унапредување на работничките права и условите за работа. Фокусот на средбата беше ставен врз економската сигурност на вработените, високите стандарди за безбедност и здравје, како и адаптацијата на работната сила кон дигитализацијата и технолошките промени.
На средбата учествуваа генералниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски, и претседателот на Синдикатот на ТИТАН Усје, Горан Јанковски. Тие ја потврдија заедничката заложба за отворен и конструктивен социјален дијалог.
Менаџментот на ТИТАН Усје пред синдикалните претставници ги претстави политиките што ги спроведува за заштита на правата и економската стабилност на вработените преку соодветни надоместоци и дополнителни придобивки. Посебен акцент беше ставен на стандардите за безбедност и здравје при работа, кои компанијата постојано ги надградува.
Раководството информираше и за тековните инвестиции во модернизација на производствените процеси. Овие вложувања се насочени кон подобрување на секојдневните работни услови, развој на нови компетенции кај кадарот и долгорочна одржливост на работните места.
Трендафилов и Пешевски изразија задоволство од досегашната соработка со менаџментот и со матичниот синдикат на фабриката. Тие посочија дека отворениот дијалог претставува основа за заштита и унапредување на правата на работниците, особено во период на глобални технолошки промени, дигитализација и развој на вештачката интелигенција кои носат нови предизвици на пазарот на трудот.
Претседателот на Синдикатот на ТИТАН Усје, Горан Јанковски, рече дека на вработените им се овозможуваат редовни обуки за професионален развој, безбедност при работа и стекнување нови вештини. Тој ја истакна и грижата на компанијата за добросостојбата на вработените и нивните семејства.
Според податоците изнесени од компанијата, ТИТАН Усје директно вработува 249 лица. Дополнително, преку своите добавувачи, клиенти и пошироката економска активност, компанијата обезбедува околу 6.700 индиректни работни места, што претставува приближно еден процент од вкупната вработеност во државата.
Учесниците на средбата се согласија дека партнерскиот однос меѓу работодавачот и синдикатите е предуслов за одржување безбедна, стимулативна и стабилна работна средина.
