Славниот телевизиски готвач Гордон Ремзи е назначен за нов главен водител на автомобилската емисија „Топ гир“, соопшти британскиот јавен сервис Би-Би-Си. Снимањето на новата сезона започнува следната година, а враќањето на програмата на телевизиските екрани е закажано за 2028 година, по четиригодишна пауза предизвикана од сериозната повреда на поранешниот водител Ендру Флинтоф.
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си официјално потврди дека 60-годишниот Гордон Ремзи ќе го предводи враќањето на култната емисија „Топ гир“. Имињата на останатите членови од водителскиот тим сè уште не се објавени, иако во јавноста се шпекулираше дека комичарот Џими Кар преговарал за учество, но се повлекол од проектот.
Ремзи изјави дека неговата љубов кон автомобилите трае уште од детството, кога растел во близина на тркачката патека Силверстон во англискиот округ Нортемптоншир и ги прескокнувал оградите за да ги следи трките. Тој поседува голема приватна колекција на луксузни и спортски автомобили, меѓу кои неколку модели на „Астон Мартин“ и „Ферари“, како и „Порше“, „Ленд Ровер“ и „Мекларен Сена“. Ремзи досега трипати гостуваше во емисијата – во 2002, 2006 и 2017 година.
Директорот за забавна програма на Би-Би-Си, Ед Хавард, го опиша Ремзи како природен избор поради неговиот одлучен пристап. Директорката на секторот за забавна програма во Би-Би-Си Студиос, Сузи Ламб, порача дека не станува збор за носталгично оживување на стариот формат, туку за ново поглавје на емисијата. Покрај „Топ гир“, Ремзи неодамна го потврди и своето учество во новата верзија на кулинарското натпреварување „Пеколна кујна“ на телевизијата ИТВ, каде водителка ќе биде Клаудија Винклмен.
Емитувањето на „Топ гир“ беше суспендирано во декември 2022 година, откако тогашниот водител и поранешен играч на крикет Ендру Флинтоф доживеа тешка несреќа на тест-патеката. Неговиот отворен автомобил на три тркала „Морган Супер 3“ се преврте, при што Флинтоф беше влечен околу 50 метри со лицето свртено кон земјата и се здоби со тешки повреди на лицето и ребрата.
Во документарен филм за платформата „Дизни плус“, Флинтоф изјави дека во моментот на несреќата мислел дека е мртов. По инцидентот, Би-Би-Си му упати официјално извинување и му исплати финансиска отштета. Флинтоф ја водеше емисијата од 2018 година заедно со Педи Мекгинис и Крис Харис, наследувајќи ја поставата во која беа Крис Еванс и актерот Мет Лебланк.
Форматот „Топ гир“ започна да се емитува во 1977 година, а најголема светска популарност стекна во 2000-тите години под водство на Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј.
Ричард Хамонд, кој и самиот преживеа тешка несреќа за време на снимањето во 2006 година, во изјава за радиото Би-Би-Си Радио 4 откри дека продуцентите го контактирале со понуда повторно да биде дел од тимот. Тој ја одбил понудата со образложение дека не сака да ја враќа емисијата на она што била во минатото, туку поддржува ново издание за нова генерација гледачи. Хамонд оцени дека љубовта на Ремзи кон автомобилите е неспорна и го поздрави неговиот ангажман.
