Циклонската активност што во текот на ноќта и утрово донесе снег во низините низ поголемиот дел од Словенија веќе го зафати и подрачјето на Македонија. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), врнежите кај нас започнаа синоќа и ќе траат до недела, со обилни дождови во наредните денови и премин во снег на планините и повисоките места за време на викендот.
Врнежите во Словенија зајакнаа во текот на ноќта, по што снег паѓа и во низините. На дел од коловозите се формира снежна покривка, поради што на терен се ангажирани возила за чистење снег и за посипување на патиштата. На словенечкото Приморје дува силна бура, чии удари на изложените места достигнуваат речиси 100 километри на час.
Според прогнозата на метеорологот од словенечката Агенција за животна средина (АРСО), Вероника Хладник Закотник, најмногу снег се очекува на северот и северозападот на земјата, меѓу пет и десет сантиметри. Поради релативно топлото тло, снегот е влажен и брзо се слегнува. Во останатиот дел од внатрешноста количините се помали, но на надморска височина меѓу 500 и 1000 метри постои опасност од голомразица.
Поради снегот и силниот ветер, на одредени делници се воведени ограничувања за дел од категориите возила, а планинскиот превој Вршич е прооден за патнички автомобили само со употреба на ланци. Словенечката управа за автопатишта (ДАРС) ги повика граѓаните да патуваат само ако е нужно и да не ги претекнуваат возилата за чистење снег. Полицијата најави засилени контроли за задолжителната зимска опрема во наредните денови.
Под влијание на циклонската активност, времето во Македонија до недела ќе биде претежно облачно со повремени врнежи. Денес врнежите се пообилни во западните делови, каде се очекуваат над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, додека во текот на целиот период до крајот на неделата наврнатото количество на места ќе надмине 80 литри на метар квадратен. Дува умерен, а наместа и засилен јужен ветер. Дневните температури се движат меѓу 8 и 12 степени, со утрински вредности од -1 до 4 степени. Во Скопје е облачно со повремен дожд, минимална температура до 0 и максимална до 8 степени.
Поради спуштање на студена воздушна маса од север, за време на викендот дождот ќе премине во дожд и снег на некои од повисоките места, а на планините ќе паѓа само снег со формирање нова снежна покривка. Од почетокот на следната работна седмица, УХМР прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди.
