Десет години по разводот, Бред Пит и Анџелина Џоли го затворија судскиот спор за имотот во Франција

Поранешните сопружници соопштија дека постигнале вонсудски договор за сопственоста над француската винарница Шато Миравал во интерес на нивното семејство.

Актерите Бред Пит (62) и Анџелина Џоли (51) постигнаа вонсудски договор со кој го затворија долгогодишниот правен спор околу сопственоста над винарницата Шато Миравал во департманот Вар во Франција. Спогодбата доаѓа една деценија по нивната разделба и две години по официјалното завршување на бракоразводната постапка, ставајќи крај на една од најспоменуваните правни битки во Холивуд.

Во заедничко соопштение до јавноста, Пит и Џоли потврдија дека спорот за имотот во Франција е решен надвор од судницата.

„Постигнавме вонсудски договор во најдобар интерес на нашето семејство и нема да даваме дополнителни коментари“, наведоа актерите во заедничката изјава.

Спорот за сопственичкиот удел во престижниот имот Шато Миравал беше една од главните точки на судир за време на нивната разделба. Пит и Џоли купија мнозински удел во винарницата во 2008 година, а шест години подоцна, во 2014 година, се венчаа токму на тој имот.

Правниот процес започна откако Пит поднесе тужба против Џоли, тврдејќи дека таа постапила без негова согласност кога својот удел во винарницата му го продала на рускиот олигарх Јуриј Шефлер. Во тужбата актерот наведе дека со Џоли претходно имале договор ниту една страна да не го продава својот сопственички дел без дозвола од другата.

Џоли возврати со противтужба, во која го обвини Пит дека под дејство на алкохол физички ја нападнал неа и нивните деца за време на приватен лет, што според нејзините наводи ја поттикнало да поднесе барање за развод во 2016 година. По инцидентот беа спроведени истраги од страна на Федералното истражно биро (ФБИ) и службите за заштита на деца, по кои против Пит не беше покренато обвинение, а тој ги негираше обвинувањата.

Пит и Џоли официјално постигнаа спогодба за развод во 2024 година, по осумгодишна судска постапка. Имотот во Франција тогаш остана нерешено прашање кое продолжи да се води во одвоена парница.


Сите шест деца на поранешната двојка денес се полнолетни. Дел од нив во изминатиот период го отстранија презимето на нивниот татко, меѓу кои и Вивиен Џоли, која и законски се откажа од презимето Пит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс