Организацијата на обединетите нации (ООН) би можела првпат во својата историја да остане без генерален секретар поради длабоките внатрешни поделби меѓу големите светски сили. Според познавачите на состојбите во светската организација, постои реална опасност актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш да го заврши својот мандат на крајот од 2026 година без да биде именуван негов наследник.
„Тоа е реална можност, иако договор во последен момент сè уште е можен, а функционерите на ООН веќе разработуваат планови за такво сценарио“, изјави Тибо Камели, поранешен дипломат при ООН и истражувач во Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот во Њујорк.
Советот за безбедност на ООН од јули 2026 година одржа девет круга неформално гласање во рамките на постапката за избор на нов генерален секретар. Во осум од деветте круга најмногу гласови освои Ребека Гринспан, поранешна потпретседателка на Костарика и поранешна раководителка на Конференцијата на ООН за трговија и развој (УНКТАД).
И покрај водството, нејзиниот избор е неизвесен бидејќи, како и останатите кандидати, добила негативни сигнали од постојаните членки на Советот за безбедност, кои имаат право на вето. Даниел Форти од Меѓународната кризна група (ИЦГ) посочи дека изборот го кочат поделбите меѓу постојаните членки, особено меѓу Кина, Русија и Соединетите Американски Држави (САД). Истите тие несогласувања го отежнуваат и решавањето на судирите во Судан, Газа и Украина.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп спроведува политика на „Прво Америка“, со која се доведуваат во прашање начелата на меѓународната соработка врз кои почива организацијата. Американскиот амбасадор при ООН Мајк Волц оцени дека се неопходни реформи и воведување ред за институцијата да функционира подобро.
Во дел од круговите на ООН постои загриженост дека Гринспан е премногу поврзана со постојниот систем за да спроведе суштински промени, смета Естер Бример, поранешна помошничка на американскиот државен секретар во администрацијата на Барак Обама. Според Камели, на кандидатурата на Гринспан ѝ се противат и Вашингтон и Москва.
Во трката подоцна се вклучи и Лана Нусеибе од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), која во дипломатските кругови се смета за можна фаворитка на Вашингтон, но засега тешко обезбедува поширока поддршка.
Политичките блокади и финансиските кратења во буџетот на ООН ја прават функцијата генерален секретар значително помалку привлечна отколку во минатото, оцени Форти. По десет години и два полни мандата на Гутереш, раководител на една од агенциите на ООН изјави дека моралот меѓу вработените е низок и оти се очекува нов лидер со свеж пристап.
Постојаните членки на Советот за безбедност започнаа поактивно меѓусебно да расправаат за постапката на избор поради зголемениот политички притисок, додека меѓу бројни земји членки постои широка согласност дека организацијата по 81 година постоење треба да добие жена на својот врв.
