Мрежата за заштита од дискриминација отвори „Ѕид на срамот“ за функционери и прв го прозва Африм Гаши

Граѓанските организации бараат одговорност за тримесечното чекање на законските измени за заштита на жените по седум фемициди во 2026 година.

Мрежата за заштита од дискриминација започна серија јавни прозивки под називот „Ѕид на срамот“, насочени кон носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството врз жените. Прв на листата е претседателот на Собранието, Африм Гаши, од кого организацијата бара одговори зошто измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство три месеци не се ставени на дневен ред, додека во 2026 година се регистрирани седум фемициди.

Мрежата наведува дека акцијата е инспирирана од „ѕидот на срамот“ на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во наредните денови организацијата ќе упатува директни јавни прашања до сите институционални раководители од кои зависи заштитата на жените од насилство.

Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство биле поднесени во Собранието на 26 август 2026 година по итна, односно скратена постапка. Три месеци по нивното поднесување, тие сè уште не се ставени на пленарна седница на дневен ред.

Од Мрежата за заштита од дискриминација ги споредуваат овие рокови со брзината со која Собранието постапувало во април 2025 година. Тогаш, според нивната објава, без јавна дебата и без вклучување на стручната јавност, од образовните закони била избришана заштитата од насилство и дискриминација.

„Зошто за уназадување на правата има итност, а за заштита на животите на жените нема? Кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред?“, прашуваат од Мрежата во објавата упатена до собранискиот спикер Африм Гаши.

Покрај законските измени, во застој се и заклучоците од јавната надзорна расправа за заштита на жените од насилство, која Собранието ја одржа во април 2026 година по случајот во кој згаснаа животите на Ивана и Катја. До ноември 2026 година, седум месеци по одржувањето на расправата, Собранието сè уште нема усвоено заклучоци со конкретни мерки, рокови и одговорности за институциите.

Од организацијата посочуваат дека Македонија е трета држава во Европа по стапката на фемициди, а во текот на 2026 година се убиени седум жени.

Во својата јавна реакција, Мрежата за заштита од дискриминација директно го прозва претседателот на Собранието за влијанието врз парламентарната агенда. Тие укажуваат на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, во кој се констатира дека нема значаен напредок во родовата еднаквост, при што антиродовите наративи се посочени како една од трите главни причини за ваквата состојба.


„Претседателе Гаши, чии интереси штитите – на граѓаните или на антиродовите движења и екстремистичките религиозни групи кои дејствуваат во Македонија спротивно на демократските и европски вредности?“, стои во објавата на Мрежата, од каде бараат јавни одговори, конкретни мерки и политичка одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс