Нова силна промена на времето пристигнува во Европа, а особено ќе биде погоден Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Според најавите на метеорологот Славчо Попоски, следната седмица носи драматичен пресврт со обилни врнежи, бурен ветер и огромен пад на температурите.
Од северозапад кон регионот ќе се спушти значително постудена воздушна маса, што ќе предизвика температурите да се намалат за повеќе од 15 степени и да бидат далеку под просекот за месец мај.
Покрај дождовите и силниот ветер, локално се очекува и невреме со грмежи, електрични празнења и услови за појава на град. На повисоките места на Балканот можен е и планински снег, додека во алпскиот регион се прогнозираат и пообилни снежни врнежи.
Силен ветер над 70 км/ч во понеделник и вторник
Во Македонија, деновите понеделник и вторник (11 и 12 мај) ќе донесат засилен до повремено силен ветер од западен правец, кој локално ќе достигнува брзина и над 70 километри на час.
Причина за нестабилното време е циклонската активност со центар над Џенова, која ќе влијае врз атмосферата во регионот.
Во попладневните часови ќе има развој на нестабилни грмотевични облаци, проследени со пороен дожд, силен ветер и грмежи. Особено во вторник се очекуваат поинтензивни атмосферски процеси и локално невреме.
Сахарска прашина повторно над Македонија
Поради засиленото југозападно и западно воздушно струење, од Сахара повторно ќе пристигнува прашина и песок кон Македонија.
Поради тоа атмосферата ќе биде заматена и загадена, а дождот на повеќе места ќе биде валкан и помешан со сахарска прашина.
Температури до 30 степени пред големиот пресврт
И покрај најавеното заладување, понеделник и вторник ќе бидат многу топли и спарни. Температурите во најголем дел од Македонија ќе надминуваат 20 степени, а на повеќе места ќе достигнат и над 25 степени.
Во Повардарието и југоисточните делови температурата ќе се искачи и до околу 30 степени, додека во Скопје се очекуваат температури близу 30°C.
Метеоролозите предупредуваат дека ваквите нагли временски промени особено тешко ќе се одразат врз метеопатите и лицата со хронични здравствени проблеми.