Весела Моловска: Не сакаме само да украсуваме ѕидови, туку да ја менуваме свеста

По десет години и четири изданија на „Еволуција на сонот“, кураторката и културна менаџерка зборува за јавната уметност, трансформацијата на градот, недостигот од стратешка поддршка за културата и потребата бизнис-секторот да стане нејзин долгорочен партнер.

Уметноста не мора да биде затворена во галерии за да го промени начинот на кој го гледаме градот. Понекогаш е доволно да се појави на ѕид покрај кој секојдневно поминуваме, да нè збуни, вознемири или натера да застанеме и да погледнеме поинаку. Токму од таквата идеја тргнува „Еволуција на сонот“ – платформа што Весела Моловска ја започна во 2016 година, во стара семејна куќа во Дебар Маало, непосредно пред нејзиното уривање.

Десет години и четири изданија подоцна, приказната продолжува со „Потаму, сонот…“, уметничка интервенција во Карпош, каде четири објекти кај ФИНКИ и Машинскиот факултет се поврзани во една голема визуелна целина. Но, разговорот со Моловска не е само за мурали и за јавни простори. Таа зборува за потребата уметноста да излезе од институциите, за вклучувањето на заедницата, за недостигот од долгорочна поддршка и за тоа зошто културата не може да се развива ако се третира како трошок, а не како инвестиција во општеството.

Трн: „Еволуција на сонот“ започна во 2016 година, во една стара семејна куќа во Дебар Маало, непосредно пред нејзиното уривање. Уште тогаш во идејата беше вградена една силна противречност – да се создава уметност во простор за кој однапред се знае дека ќе исчезне. Десет години подоцна, четири изданија и многу уметнички средби подоцна, што за вас претставува „Еволуција на сонот“? Дали денес ја препознавате првичната идеја во нејзината сегашна форма или сонот во меѓувреме доби сосема нови димензии?

Весела: Еволуција на сонот уште однапред се знаеше дека постојано ќе добива нови форми, исто како и сонот, секогаш е непредвидлив и се појавува во најразлични приказни коишто нашата свест и потсвест мистично ги формираат. Така и Еволуција на сонот е на некој начин идентификација со ритамот на најразличното секојдневие кое постојано еволуира во нешто што понекогаш колку и да го замислуваме или планираме, животот ни го пренесува сосема неочекувано. Во овие десет години многу работи се променија. Еволуција на сонот започна со рушењето на мојата семејна куќа во Дебар Маало и досега со тој наслов имало четири свои изданија, додека во меѓувреме, јас како негов основач имам развивано и многу други меѓународни проекти преку кои понатаму сум се инспирирала и сум ги водела идеите во поинакви правци, но секогаш со и за заедницата.

Трн: Од првото издание, кое обедини визуелни уметници, музичари, изведувачи, филмаџии и публика во една стара дебармаалска куќа, па сè до денешните интервенции во јавниот простор, се чини дека една од најважните константи на проектот е заедницата. Колку ви е важно уметноста да излезе од вообичаените изложбени и институционални рамки и да стане дел од непосредното секојдневие на луѓето? Дали токму во тоа го гледате нејзиниот најголем потенцијал за урбана и културна трансформација?

Весела: Францускиот уметник ЏР токму тоа го посочуваше, дека токму промената на визуелното влијае на нашата индивидуална и општествена трансформација. Но тоа се прави плански и организирано бидејќи не секој мурал е уметничко дело само по себе. Кога го работев проектот „Inside Out“, нашиот филмски продуцент Иво Антов во самото видео што го правевме токму тоа и го посочи, дека ние толку сме навикнати да гледаме ѓубре околу себе и ќе го цитирам: „Не зборувам за она ѓубре што секојдневно го гледаме по улиците, туку она ѓубре од архитектура, ѓубре од музика, ѓубре од градероба, што автоматски доведува и до однесување на ѓубре“. Така што мене ми е драго што денес веќе и кај нас стана актуелна јавната уметност бидејќи излегувањето од рамките на институциите и достапноста на уметноста до секој граѓанин ја носи онаа трансформација која ни е потребна. На пример, јас сум соработник на Неаполскиот колектив Паломарт уште од 2012 година. Во 2019 ни беше дадено кураторството на фестивалот Борго Универсо во селото Аиели кое е на еден час од Рим, кон внатрешноста на Италија. После многу интервенции и јавни мурали кои секако беа прославени со музички и перформативен фестивал што го организиравме, министерот за култура на Италија во 2021 година го посочи тоа село како отворен музеј и го стави на туристичката мапа како референтна точка за посета на едно целосно трансформирано село од врвни современи уметници и муралисти. Оттогаш тоа село е веќе самоодржливо. Имаше едно кафанче и еден-два бара. Сега има, ресторани, барови, хабови за развој на уметност и култура, постојани настани и сето тоа е водено од локалното население и од млади кои посакаа да сменат амбиент од градот и да живеат и создаваат малку подалеку од секојдневната бучава. Сите се среќни и задоволни, фестивалот продолжува да живее, а ние ги направивме сите мурали коишто ден денес се постојано посетувани.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Трн: Преку „Еволуција на сонот“ досега сте поврзале уметници од различни генерации и дисциплини, но и луѓе кои можеби никогаш немале непосреден допир со современата уметност. Во вашето портфолио е забележливо и искуството со проектот „Inside Out“, во кој обединивте 134 македонски уметници и културни работници околу заедничка порака за видливоста на уметноста во општеството. Колку ви е важна таа способност на културните проекти да создаваат заедништво? Може ли еден уметнички проект да биде почетна точка за нови соработки, пријателства и идни креативни иницијативи?

Весела: Како не може. Ние тој проект го направивме заедно со Марија Коробар, управител на асоцијацијата за култура и уметност ИКОН која е врвна во своите замисли за тоа како треба да изгледа еден град и една држава со богата уметност и култура што ние самите ја имаме крајно осиромашено. Не беше тешко да се соберат сите тие наши врвни уметници и културни работници поради тоа што сите тежнееме кон тоа, да се стави светлината врз уметникот за таа да се рефлектира во нашето општество.

Тој проект понатаму не продолжи како гласноговорник бидејќи кога го создававме бев бремена, а потоа  се појавија многу нови и поразлични проекти, но сепак, секоја соработка е нешто што засекогаш останува и понатаму може сосема поинаку да продолжи.

Кога веќе зборуваме за соработки сметам дека се важни и соработките со државните креатори на програмите и стратегиите на институциите и независната културна сцена. Не треба само да дебатираме околу стратегијата или само да спонзорираме, туку треба да се соработува во вистинска смисла на зборот. Од друга страна, пак, уште поважна е и соработката со бизнис секторот. Ние сѐ уште сме далеку од тоа да ја поврземе економијата со културата. Не станува збор само за спонзорство, туку станува збор за стратешки соработки кои не треба да бидат само во форма на фестивал кој ќе се случи еднаш во годината и толку, соработките треба да преминат во долгорочно планирана програма бидејќи ние ниту се развиваме и ниту размислуваме во тој стратешки правец. Стратешката соработка всушност треба да доведе и до самоодржливост на културата. Се надевам дека еден ден ќе дојде до остварувањето и на тој дел од мојата Еволуција на сонот бидејќи за мене нема ништо поважно од општествената поддршка на бизнис секторот и нивната долгорочна и испланирана соработка со културата. Но ќе повторам, стратегијата не е да се спонзорираат само настани или само фестивал во дадениот момент, стратегијата треба да биде сосема поразлична за да биде функционална. Сега за сега фала богу сеуште ја немаме таа функционалност во соработките бидејќи соработка без долгорочен план на активности е само обично минливо спонзорство на еден настан или фестивал.

Трн: Четвртото издание, „Еволуција на сонот 4“, ја продолжува приказната преку интервенција во јавниот простор во покровителство на Општина Карпош и во соработка со ФИНКИ и Машинскиот факултет. Четирите постојни бараки кај факултетите се претвораат во една поврзана монументална визуелна целина, чиј авторски концепт го потпишува Калина Брајковска. Зошто токму оваа локација и што беше пресудно при изборот на просторот? Каква нова приказна сакате да му овозможите на едно место кое досега првенствено имаше функционална, а не естетска и културна улога?

Весела: На тоа место секојдневно поминуваат стотици студенти, млади кои се зачеток на општествените трансформации. Тоа се млади кои немаат голема допирна точка со уметноста и кои кога ги прашував како им се чинат ѕидовите, не им беше баш јасно што гледаат. Некои ги вознемирува (а добро е и кога уметноста вознемирува), на некои многу им се допаѓаа и успеваа да нурнат во некоја своја приказна гледајќи ги, некои беа индиферентни, но сепак колку и да сакаат, не можат да останат индиферентни на сите тие различни цртежи и детали околу нив и пред нив. Од друга страна, пак, Еволуција на сонот започна со рушењето на мојата семејна куќа во Дебар Маало, а десет години потоа, со поддршка на Општина Карпош јас создадов приказна онаму каде сум се родила и сум пораснала, токму во зградата спроти истите бараки каде го поминав најубавото детство по кое ден денес сите од мојата генерација сме носталгични. Така што тие бараки отсекогаш стоеле таму простум, бели, без идентитет и никогаш не сум знаела за што ли служат. Сега веќе имаат некаква улога: да вознемират, да развеселат, да инспирираат, да создатат полемика, критика, некому му се допаѓа, некому воопшто не му се допаѓа, но сепак, создаваат некаква нова приказна и разговор оклу неа.

Трн: Насловот на актуелната интервенција „Потаму, сонот…“ носи една особена поетика – сонот не е дестинација, туку постојано движење кон нешто непознато, кон можност што допрва треба да се открие. Во вашиот концепт, четирите бараки стануваат четири премини од секојдневното кон имагинарното, од реалниот кон некој паралелен свет. Колку е важна оваа симболичка димензија во вашите проекти и дали сметате дека на градот, покрај функционални и инфраструктурни решенија, му се потребни и вакви простори што ја активираат имагинацијата?

Весела: На градот што е пренатрупан со чудни архитектонски решенија очајнички му се потребни вакви интервенции за просторот да почне поинаку да зборува, за луѓето кои веќе се гушат од градежна пренатрупаност барем да можат да земат длабок воздух и да се загледаат кон нешто што можеби ќе ги одведе потаму сонот. Сонот не се само димензијата на оние паралелни светови коишто ни се појавуваат, туку сонот е исто така стремеж кон нешто што го посакуваме. Нам постојано со секоја нова градба ни ја убиваат инспирацијата да сонуваме, а уметникот е оној чија општествена должност е да го разбуди имагинарното, да не одведе кон патиштата кои ни се чинат невозможни, да не поттикне, да ни даде сила и вдаховение за да продолжима да трагаме кон нивното остварување, па макар траело и бесконечно бидејќи во самата потрага се наоѓа убавината и радоста на живеењето. Во онаа постојана незапирливост.

Трн: Една од особеностите на проектот е што не ја позиционира публиката само како набљудувач, туку ѝ овозможува директно да учествува во создавањето на уметничкото дело. Во Карпош, младите, децата и локалната заедница се поканети да остават сопствена трага во процесот на создавање на муралот, заедно со Калина Брајковска. Колку е значајно за вас да се демократизира уметничкиот процес и да им се даде можност на луѓето да почувствуваат дека и самите се дел од културниот идентитет на местото во кое живеат?

Весела: Еден од ѕидовите беше наменет токму за тоа, вклчучување и на самата заедница во процесот. Нашата актерка Симона Спировска во видеото од проектот на Inside Out токму го посочи овој момент, дека доколку ја вклучиме заедницата, утре таа нема да биде само пасивна публика туку и самата ќе стане креатор на настани од културата. Е сега, не секогаш сонот е совршен, нели. Понекогаш влегуваме и во безизлез па потоа се обидуваме да го најдеме вистинскиот пат за каде и како да продолжиме. Но, сепак, уметникот е оној кој што ја сноси општествената одговорност пред заедницата и е тука за да го даде правецот на нашата мисла, па колку и таа да се најде среде хаосот на непознатото.

Трн: Муралите се можеби една од најдиректните форми на уметност што влегува во животот на градот: не бараат билет, не поставуваат праг и не очекуваат посебна подготовка од публиката. Тие едноставно стануваат дел од секојдневниот поглед, од патот до факултет, работното место или домот. Во таа смисла, што сакате да остави зад себе „Еволуција на сонот 4“?

Весела: Дали вашата амбиција е овие интервенции да бидат трајни визуелни обележја, но и поттик за нови соништа, нови уметнички акции и поинаков однос кон јавниот простор?

Па генерално немам никакви амбиции кога замислувам еден проект, единствената замисла ми е да направам нешто што можеби малку ќе ја промени нашата свест и замисла за убавото и ќе не поттикне критички да размислуваме наместо да бидеме пасивни учесници во секојдневието. Знаете, долго време живеев надвор, во градови што дишат со култура и случувања и жал ми е кога гледам дека кај нас сега сѐ е наопаку. Жал ми е што младите мора да заминат за да се почувствуваат продуховени кога и ние имаме толку многу што да понудиме. Жал ми е што сме заспани, што сета иницијатива и замисла ни е одземена, што мораме многу да се трудиме и со ништо да правиме воопшто ако може и тоа да се нарече нешто. Многу би сакала да работам без да се чувствувам како питач што моли за парче леб, многу би сакала кога некој би разбрал, би инвестирал и би бил свесен колку чини културата.

Затоа, мислам дека е крајно време економистите и културните работници да почнат да играат заедно. Културата и економијата не се две спротивставени страни, ниту пак културата е некаков трошок што треба да се оправдува пред економијата. Напротив, тие треба да се надополнуваат и заеднички вредности да создаваат. Потребно е да разбереме дека инвестицијата во културата не е само инвестиција во еден настан, изложба, книга или мурал, туку инвестиција во луѓето, во образованието, во креативноста, во градот, во неговата препознатливост и во квалитетот на животот.

Но, за жал кај нас секогаш е присутно прашањето: „Зошто мислиш дека би ти дале спонзорство за култура? Аплицирај во Европа“. Не сакам да аплицирам во Европа, да седам со месеци да пишувам проекти и да сум во неизвесност дали воопшто нешто ќе добијам. И не сум сакала да правам невладини проекти што самите по себе подлегнуваат на зададени правила. Моето истражување на докторските студии во Лисабон ми беше токму за тоа – влијанието на политичката рамка на Европа во уметноста и покревање на прашањето за новите идентитети коишто таа ѝ ги предодредува.

Јас многу сакам во мојата држава и со мојата држава да создавам. Сакам да можеме да разговараме и заеднички да остваруваме. Сакам да имаме заедничка амбиција за културолошки да се воздигнеме. За греота е мислата дека воопшто некој треба некому да даде, наместо свесно заеднички да се создава. Кога некој не би гледал само низ призмата на колку ќе влезе во неговиот џеб туку колку ќе успее да направи нешто за другиот, за утре и неговите деца подобро да живеат, ние би биле совршено општество.

Жал ми е што свеста за културата кај сите создатели на ова општество е сведена на минимум културолошка воздигнатост. „Чуму ми е култура кога и вака и така ништо не ми менува?“ Како што ми рече еден познаник бизнисмен: „За што ќе ми е книги да читам?“  Свеста ни е далеку за да сме нормално општество. Генерално свеста ни е сведена на скупштина сељака, без навреди. И така е, каков народ надојде, таква држава воскресна, за жал.

Ќе останеме мала група што ќе кубуриме додека и своите деца не ги испратиме и не исчезнеме во неповрат. А замислете, мене секогаш ме сметале за вечен оптимист. И не дека не сум, но за нешто кај нас да се промени треба да има и продуховени луѓе што за жал веќе ретки се останати. 

Ретко кој од независната сцена кај нас знае што значи да се работи на проект и добро да заработува од истиот. Таа ексклузива ја има само естрадата и тажно би било кога на младите единствено нешто што би им оставиле како наследство би било само тоа. Така што, доколку зборувам за амбицијата и за на големата слика што би сакала да се создаде или продолжи како Еволуција на сонот, тогаш одговорот е дека е тоа би било дефинитивно трајно обележје што би донело многу промени во размислувањето, во начинот на креирање на соработки и во начинот на создавање на публика и интерес за културните случувања.

Но, никогаш не знаеме како ќе еволуира сонот. Како што реков, доволно е да не запираме да се стремиме кон животот што отсекогаш сме сонувале да го живееме…а уште поважно, да не заборавиме дека доколку сакаме и доколку се потрудиме, можеме како сакаме да го живееме и дека сето тоа започнува од самите нас и нашата перцепција кон тоа што ни е важно да го создадеме и оставиме зад себе. 

Трн: Кога ќе погледнете наназад кон првата „Еволуција на сонот“, а потоа кон она што денес се случува, колку е градот подготвен да го замени сивилото на секојдневието со малку повеќе имагинација?

Весела: Не знам колку е градот и за што е градот подготвен. Во моментов ние, еве да не наречам професионалците од областа на културата и независната сцена, сме загрижени бидејќи се ближи Скопје Град на Културата 2028 година и сѐ уште никој не е сигурен дали воопшто градот е подготвен. Сметам дека професионалците од културата во овој случај се оставени како пасивни гледачи во исчекување, а досега требаше на големо да се дискутира и да се зборува за идните и возможните програми што би се остварувале. Требаше да функционираме како сложна заедница, а не само да функционираме како политичка заедница. Требаше сѐ да е комплетно  транспарентно и секој што е барем малку инволвиран во културата да разговара широко на таа тема и да биде активно присутен во креирањето на програмата. Ете, по сите политички премрежја вчера присуствував на една светла точка за градот каде од Фондацијата за ЕПК2028 ја повикаа независната културна сцена за да даде свои предлози и придонес, така што иако сме во една минута пред полноќ, мојот оптимизам се надева дека сепак ќе успееме нешто заеднички да направиме. Од друга страна, пак, барем две општини со кои соработував ја препознава потребата да се направи и нешто поразлично, нешто што е потешко за прифаќање и следење од комерцијалното и секојдневното. Претходната година Општина Ѓорче Петров ја препозна мојата иницијатива за малку поразлична уметничка програма за еден фестивал, а оваа година Општина Карпош исто така инвестираше во поинаква форма на создавање мурали.

Знаете, уметноста не треба да е секогаш лесно допадлива, посебно кај еден народ каде уметноста и културата веќе се одамна под  секое ниво и кога треба од почеток да се едуцираме. Исто така, уметност не се создава со ситниш. Уметноста е скапа работа, а ние тоа не го разбираме бидејќи не разбираме колку е важно да се инвестира во неа. Од друга страна, пак, ние немаме герила, уметници кои активно творат во јавниот простор и создаваат критика на општеството. Нашиот град не дише и не живее со независна култура и настани, иако сепак сѐ уште имаме полно ентузијасти коишто се борат, создаваат и од ништо сепак успеваат да направат нешто. Светлата точка е што новите генерации стануваат веќе сѐ поприсутни на градската сцена и создаваат сосема нов концепт на културни настани. Не чекаат туку преземаат и тоа буквално како предузимачи.  Уметноста и културата треба да шокираат, да не поместат од секојдневната поп и мејнстрим култура. Треба да не бутнат надвор од зоната на комфорот, а воедно и да не освестат дека ние сме причинители и создатели на едно општество, дека додека чекаме друг да ни даде за да направиме, никогаш нема ништо да направиме. И тоа го прават младите сега. Не чекаат, создаваат.  


Така што јас и мојот оптимизам сметаме дека сепак, можеби е и возможно полека да почнеме да се движиме во добар правец 🙂

е-Трн да боцка во твојот инбокс