Телеграф: Зеленски сака целосно уривање на Кримскиот мост

По ударите од 17 и 18 ноември во кои беше урнат дел од коловозот, украинската војска подготвува нови напади со проектилите Нептун.
Фото: Социјални мрежи/X

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им наложил на воените команданти целосно да го онеспособат Кримскиот мост, пишува британскиот весник „Телеграф“ повикувајќи се на упатени воени извори. По серијата координирани удари на 17 и 18 ноември, во кои беа урнати дел од патот со четири ленти и потпорен лак во Керчкиот теснец, украинските сили подготвуваат нови бранови напади со домашните проектили Нептун за да го пресечат снабдувањето на руските трупи на полуостровот.

Нападот изведен меѓу 17 и 18 ноември претставуваше кулминација на координирана воена операција поделена во седум фази, во која беа употребени 11 различни системи на вооружување. Првичните дејства имаа за цел да ги ослабат руските одбранбени линии околу преминот, по што следуваше директен удар врз самата конструкција.

Веднаш по полноќ, мобилна бригада на украинската морнарица опремена со проектили Нептун зазела позиции долж јужниот брег на Украина. Од тајни локации бил истрелан значителен број противбродски крстосувачки проектили, по што единицата веднаш се повлекла за да избегне возвратен оган. Околу два часот по полноќ, по повеќечасовно дејствување на различни родови на украинската армија, пристигнала потврда дека дел од коловозот и еден потпорен лак паднале во морето.

Според податоците на украинската разузнавачка служба, проектилите Нептун тешко ја оштетиле и дополнително армираната железничка пруга наменета за товарни возови. Ракетната бригада се вратила на позициите веќе следната ноќ и извршила втор напад врз пругата, по што на припадниците на единицата им станало јасно дека наредбата за целосно онеспособување доаѓа директно од претседателот Зеленски.

„Претседателот сака целосно да го сруши“, изјави за „Телеграф“ воен извор запознаен со операцијата.

Кримскиот мост, познат и како Керчки мост, е долг 19 километри и беше изграден по налог на рускиот претседател Владимир Путин по нелегалната анексија на Крим во 2014 година. Путин лично го отвори преминот во 2018 година, а неговото целосно онеспособување директно ја ограничува руската воена логистика на окупираниот полуостров и југот на Украина. На 20 ноември годинава, Зеленски јавно порача дека рускиот претседател мора да разбере дека овој мост нема да остане.

Проектилот Нептун е развиен врз основа на советски противбродски ракети, а во фокусот на јавноста влезе во април 2022 година по потопувањето на крстосувачот „Москва“, командниот брод на руската Црноморска флота. Инженерите од државното проектантско биро „Луч“ до 2023 година развија верзија за гаѓање копнени цели која користи мобилни камионски лансери со капацитет од четири проектили. Унапредената верзија на Нептун има домет до 1.000 километри и веќе беше употребена во напад врз шест ловци-бомбардери во воздухопловната база Борисоглебск во руската Воронешка област.

Олег Коростелов, 77-годишен инженер кој учествувал во развојот на системот Нептун, изјави дека во текот на оваа година ќе бидат произведени стотици вакви проектили. Локалните медиуми пренесуваат дека Зеленски ја разгледува можноста за пренасочување на финансиските средства од крстосувачкиот проектил Фламинго со цел дополнително да се забрза производството на Нептун.

Паралелно со воените подготовки, во Одеса на 11-катна хотелска зграда е насликан 40-метарски мурал со ликот на римскиот бог на морето Нептун како излегува од брановите со трозабец, посветен на украинската морнарица. Воените извори вклучени во планирањето на операциите порачуваат дека нападите врз мостот се директен одговор на руското гранатирање на украинските мостови и енергетски постројки.


„Не ги разбирам Русите. Мораа да знаат дека имаме такво оружје. Истата логика важи и за нашите електрани“, изјави воен извор вклучен во операцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс