Дали станува збор за грип или ковид не може да се утврди само врз основа на симптомите. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека двете болести може да предизвикаат кашлица, течење на носот, болно грло, температура, главоболка и замор, а сигурен одговор може да даде само тестирањето. Бројот на заболени од грип во Македонија расте, а лекарите во ординациите известуваат дека меѓу пациентите има и случаи на ковид-19.
Бројот на заболени е зголемен за 22,1 отсто, а лани сезоната започна пред Нова година
Последните податоци на ИЈЗ има 188 регистрирани заболени од грип, што е за 22,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Според наша пресметка, во неделата пред тоа биле пријавени околу 154 случаи.
Минатата сезона покажува колку брзо може да се промени ваквата бројка. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во последната недела од 2025 година бил надминат прагот за влез во сезона на грип. Во првата недела од 2026 година биле пријавени 1.725 случаи, односно повеќе од девет пати повеќе од сегашните 188.
Во сезоната 2025/2026, ИЈЗ регистрирал четири починати лица кај кои смртта била поврзана со грип. Светската здравствена организација во меѓувреме објави дека сезоната на грип во Европа започнала.
Симптомите се речиси исти, разликата е во времето на појавување
Покрај заедничките симптоми што ги наведува СЗО, американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) ги посочува и болките во мускулите и телото, повраќањето и дијареата. Дијареата е почеста кај децата заболени од грип. Губењето на вкусот или мирисот може да се јави кај двете болести, но почесто се поврзува со ковидот. Не секој заболен од грип има температура. Една од поголемите разлики е времето на појавување на симптомите. Кај грипот тие се јавуваат еден до четири дена по заразувањето, а кај ковидот најчесто по два до пет дена, но понекогаш и до 14 дена подоцна.
Лицето заболено од грип може да биде заразно околу еден ден пред појавата на симптомите. Возрасните и поголемите деца се најзаразни во првите три дена од болеста, додека малите деца и лицата со ослабен имунитет може да бидат заразни подолго.
Ковидот може да се пренесува два до три дена пред појавата на симптомите, а заболените генерално се заразни околу осум дена од почетокот на болеста. Двете инфекции може да се добијат истовремено. Тоа е ретко, но во таков случај болеста може да има потежок тек, според CDC. Затоа, тестирањето со кое се откриваат двата вируса овозможува побрза дијагноза и соодветен третман.
Кога е доволно да останете дома?
Лицата со благи симптоми, и при грип и при ковид, обично може безбедно да се лекуваат дома, наведува СЗО. Препораките се да останат дома додека се болни, да кашлаат и киваат во лактот или во марамче, редовно да ги мијат рацете и да носат маска во преполни и затворени простории доколку имаат симптоми.
Лековите против вирусите не се исти за двете болести и не можат да се заменуваат. СЗО ги препорачува пред сè за пациентите со висок ризик, а одлуката за нивно користење ја носи лекар.
Знаци поради кои не треба да чекате
СЗО наведува симптоми поради кои треба веднаш да се побара лекарска помош. Меѓу нив се тешкото дишење, особено во мирување, или неможноста да се изговори цела реченица, збунетоста, поспаноста или губењето на свеста, постојаната болка или притисок во градите, ладната, леплива, бледа или синкава кожа, како и губењето на говорот или способноста за движење.
Посебно внимание е потребно кај постарите лица, бремените жени и мајките по породувањето, лицата со ослабен имунитет и луѓето со хронични заболувања, како што се дебелината, болестите на срцето, белите дробови, бубрезите, црниот дроб, нервниот систем и крвта, како и дијабетесот.
Вакцината против грип не штити од ковид
Вакцините против грип и ковид се различни и не штитат една од друга, па на лицата со висок ризик може да им бидат потребни двете, наведува СЗО. Двете вакцини може да се примат во ист термин.
Вакцината против грип се ажурира секоја сезона, поради што за ризичните групи се препорачува вакцинација секоја година. За минатата сезона Министерството за здравство обезбеди 80.000 бесплатни дози за приоритетните групи, според ИЈЗ. Оваа сезона, лицата постари од 80 години чекаат термин за вакцинација против грип повеќе од еден месец. Министерот Клековски не одговорил зошто е тоа така.
