Самитот на ЕУ заврши без договор: Лидерите се скараа за буџетот и помошта за Украина

По 14 часа преговори, европските лидери не постигнаа консензус за долгорочниот буџет за периодот 2028–2034 година, ниту за предложениот заем од 45 милијарди евра за Украина. Несогласувањата се однесуваат на приоритетите во трошењето и учеството на земјите во финансиската помош.

Самитот на Европската унија во Брисел заврши без договор за две важни прашања – долгорочниот буџет на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година и предложениот заем од 45 милијарди евра за Украина. По 14 часа интензивни разговори, лидерите на земјите-членки не успеаја да постигнат консензус и ја завршија седницата на Европскиот совет без конкретен договор, пренесе Н1.

Главниот судир околу буџетот се водеше меѓу две групи земји. Седум држави, наречени „штедливи“, побараа дополнително намалување на предлог-буџетот, кој веќе беше скратен во однос на првичниот предлог на Европската комисија. Тие сметаат дека повеќе средства треба да се насочат кон конкурентноста, безбедноста и одбраната.

Наспроти нив, групата земји што се нарекува „пријатели на кохезијата“ се заложи буџетот да не се намалува, а можно е дури и да се врати на нивото првично предложено од Европската комисија. Нивниот аргумент е дека мора да се зачува финансирањето за регионалниот развој, земјоделството и рибарството.

Преговорите за буџетот треба да продолжат со цел договор да биде постигнат до крајот на годината. Притисокот за навремено завршување на процесот е поголем поради претстојните избори во неколку европски земји, кои би можеле да ги забават или да ги блокираат преговорите.

Францускиот претседател Емануел Макрон веќе предупреди дека, со влегувањето во предизборна кампања, нема да има ниту политички ниту демократски капацитет да се спротивстави на новиот буџет. Без договор завршија и разговорите за финансиската помош за Украина. Предлогот предвидуваше дополнителен заем од 45 милијарди евра, но четири земји се спротивставија на него.


Унгарија, Словачка и Чешка не сакаат да учествуваат во помошта за Украина за следната година преку овој заем. Бугарија, пак, е подготвена да учествува во делот наменет за хуманитарна помош, во вредност од 20 милијарди евра. Сепак, се очекува да биде пронајден компромис, сличен на минатогодишниот договор, кога Европската унија организираше помош за Украина со исклучок на одредени земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс