Индиски пратеник собра 400.000 гости на свадба со шест хелиодроми и 500 готвачи

Раскошната веселба во сиромашната индиска држава Бихар ја организираше Анант Синг, политичар против кого се водат 28 кривични постапки.

Речиси 400.000 луѓе присуствуваа на свадбата на ќерката на индискиот политичар Анант Синг во селото Надава, сместено во сојузната држава Бихар. За прославата организирана во средата беа ангажирани 500 готвачи, подготвени 500.000 традиционални слатки и изградени шест привремени хелиодроми за ВИП гостите. Овој настан во една од најсиромашните индиски држави предизвика целосен сообраќаен колапс, а го организираше политичар против кого се водат 28 кривични постапки.

Свадбата на Шиванги Синг, ќерка на шесткратниот пратеник во собранието на Бихар, Анант Синг, и младоженецот Ришикеш Кумар, студент на постдипломски студии по деловна администрација на Државниот универзитет во Џорџија во Атланта, по своите размери ги надмина стандардите на кралските церемонии. Синг, кој низ Бихар е познат под прекарот Чоте Саркар (Малиот шеф), испратил околу 400.000 покани низ цела Индија и во странство, вклучувајќи и гости од Пакистан.

За да се нахрани огромната толпа во малото село Надава, 500 готвачи подготвија мени со повеќе од 150 специјалитети од Бихар и од другите региони на Индија. Според локалните извештаи, за подготовка на ќебапи и кари биле потрошени околу 1.000 килограми овчо месо, покрај половина милион парчиња традиционални слатки.

Просторот за прославата бил украсен со цветни аранжмани увезени од Кина, а во програмата бил вклучен и огномет. Во изјава за локалните телевизии пред почетокот на веселбата, Синг ги отфрли забелешките за претераност, истакнувајќи дека на идентичен начин ја организирал и свадбата на својата постара ќерка.

Младоженецот пристигнал на церемонијата во колона од 151 автомобил, а на подарок добил бел теренец „ленд ровер дифендер“, златен ланец тежок 100 грама и златна нараквица од 80 грама. Невестата носела традиционално црвено-златно сари.

Приливот на гости со возови, автобуси, приватни автомобили и пеш го блокираше автопатот Бактијарпур-Мокама. Индиските медиуми објавија снимки на кои колоните луѓе наликуваат на масовен верски собир. За настанот биле донесени и 52 коњи со јавачи од Бихар, Утар Прадеш, Џарканд и Раџастан, а за сопственикот на победничкиот коњ бил обезбеден теренец како главна награда.

Поради огромната гужва, дел од присутните почнале да се качуваат на дрвја и на далноводни столбови за да имаат подобар поглед. Од безбедносни причини, организаторите во последен момент ја откажаа трката.

Бихар важи за една од економски најнеразвиените сојузни држави во Индија, со висока стапка на сиромаштија и честа миграција на работната сила кон побогатите региони. Токму во ваков социјален контекст, јавното демонстрирање на огромно богатство од страна на локалните политички моќници често предизвикува остри реакции во индиската јавност.


Според податоците на Здружението за демократски реформи, организација која ги следи биографиите на избраните функционери во Индија, против Анант Синг се водат вкупно 28 кривични постапки. Меѓу обвиненијата против него се наведуваат убиство, обид за убиство, киднапирање и изнуда. Синг ги негира сите обвиненија и тврди дека не сторил никакво кривично дело.

е-Трн да боцка во твојот инбокс