МЗД: Тошковски е втор на „Ѕидот на срамот“, најави осум закони по убиствата на Ивана и Катја, до Собрание стигна еден

Граѓанската организација бара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски конкретни рокови за преостанатите седум закони и усвојување на постојниот предлог до 10 декември.

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) го постави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како втор функционер на својот „Ѕид на срамот“ поради застојот во законските реформи за заштита на жените од насилство. Осум месеци по убиствата на Ивана и Катја и формирањето на владината работна група за измени на осум закони, до Собранието се поднесени измени за само еден закон, а ниту тие сè уште не се усвоени.

Работната група била формирана на 12 март 2026 година со цел унапредување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените, а Тошковски бил еден од министрите задолжени од Владата да ја следат нејзината работа. Од Мрежата посочуваат дека формирањето работни групи не претставува резултат само по себе и бараат од министерот да се заложи предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство да бидат усвоени најдоцна до 10 декември 2026 година.

Според објавата на МЗД, измените на единствениот закон поднесен во Собранието на 26 август 2026 година биле подготвени со лично учество на Тошковски и на министерот за социјална политика, демографија и млади. Сепак, тие сè уште не се ставени на пленарна седница на дневен ред, иако пратеничкото мнозинство го сочинуваат неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, во работната група се дискутирало за измени на уште седум закони клучни за заштита на жртвите, од кои ниту еден не е доставен до законодавниот дом. Станува збор за Законот за полициски овластувања, Законот за бесплатна правна помош, Законот за кривична постапка, Законот за правда за децата, Законот за парничната постапка, Законот за социјалната заштита и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.

Организацијата бара од Тошковски јавно да објави прецизни рокови кога работната група ќе ја заврши работата и ќе ги достави овие седум закони до Собранието.

Покрај административниот застој, од Мрежата за заштита од дискриминација забележуваат дека министрите и пратениците од го избегнуваат терминот „родово базирано насилство“ и го користат исклучиво поимот „семејно насилство“.

Во својата реакција тие потсетуваат на случаите со Росица од Велес, Билјана од Богданци и Сара од Охрид, наведувајќи дека тие биле жртви на родово базирано насилство кое не може да се сведе само на семејно насилство. Од МЗД порачуваат дека ефикасна заштита на жените и девојките не е возможна доколку институциите одбиваат да ги именуваат и препознаат сите форми на родово базирано насилство и кривичните дела поврзани со него.


Во текот на 2026 година во земјава се регистрирани седум фемициди, а претходниот ден на „Ѕидот на срамот“ на МЗД прв беше прозван претседателот на Собранието, Африм Гаши.

е-Трн да боцка во твојот инбокс