Авиокомпанијата Норс Атлантик Ервејс прогласи банкрот и ги откажа сите летови

Норвешката нискобуџетна авиокомпанија Норс Атлантик Ервејс прогласи стечај и ги откажа сите идни летови поради огромните трошоци за гориво. Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромите и да се обратат кај посредниците за поврат на средствата.
Фото: MarcelX42, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Норвешкиот превозник објави известување за стечај на својата веб-страница и ги предупреди патниците да не доаѓаат на аеродромите, вклучувајќи ги и оние кои се затекнале во странство без обезбеден повратен лет. Пропаѓањето на компанијата следуваше само еден ден откако привремено ги запре сите летови и соопшти дека се наоѓа во критична финансиска состојба.

Компанијата нудеше поволни прекуокеански летови и ги поврзуваше лондонскиот аеродром Гетвик и САД со дестинации во Европа и Азија. Меѓу откажаните летови се и линиите од Гетвик и Манчестер за Тајланд, кои беа планирани за следниот месец, како и летовите од Лондон за Јужноафриканската Република и САД.

Управата на Норс Атлантик Ервејс оцени дека работењето повеќе не е одржливо. Авиокомпаниите ширум светот имаа тешка измината година поради драстичниот раст на цените на нафтата, при што цената на авионското гориво се удвои, додека побарувачката кај патниците падна по почетокот на војната во Иран во февруари. Конкурентските авиокомпании веќе очекуваат остар раст на цените на билетите и пропаѓање на финансиски послабите превозници.

Главниот извршен директор Ејвинд Роалд во изјава за берзата во Осло порача дека управата донела тешка одлука за поведување стечајна постапка, и покрај големите напори на компанијата и целата групација да се најде решение. Тој додаде дека матичната групација и нејзината британска подружница се обидуваат да најдат начин да одржат барем дел од работењето, но и покрај тоа сите летови од Обединетото Кралство се откажани, а продажбата на билети е запрена.

Компанијата ги упати патниците да се обратат до туристичките агенции, посредниците, осигурителните куќи или банките, бидејќи корисничката поддршка за двете авиокомпании повеќе не е достапна по телефон, електронска пошта, разговор во живо или преку социјалните мрежи.

Конечниот расплет се случи брзо, откако превозникот в четврток наутро објави дека е пред затворање, а веќе в петок наутро беше потврдено дека лизинг-куќите ги раскинале договорите за закуп за сите 12 авиони во флотата.


Норс Атлантик Ервејс е основана во 2021 година и своето работење го темелеше на моделот на Норвиџан Ер (Norwegian Air), чиј проект за евтини прекуокеански летови пропадна за време на пандемијата. Компанијата накратко ги оживеа трансатлантските рути со истиот тип авиони Боинг 787 Дримлајнер (Boeing 787 Dreamliner), но на крајот се соочи со истите финансиски тешкотии, иако уште летоска управата разгледуваше продажба или спојување и покрена програма за заштеди вредна 50 милиони долари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс