УХМР најавува снег утре и пад на температурите до -18 степени на почетокот од декември

По вечерните врнежи од дожд и снег на планините, од вторник следува разведрување проследено со многу студени утра низ цела Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување со 95-процентна веројатност за врнежи од снег в недела, 29 ноември, додека на пониските места долж Повардарието ќе врне дожд и снег. Според четиридневната прогноза за периодот од 29 ноември до 2 декември 2026 година, кон крајот на неделниот ден врнежите ќе престанат, по што од почетокот на наредната седмица следува нагло спуштање на утринските температури до -18 степени Целзиусови.

В недела времето во Македонија ќе биде облачно со повремени локални врнежи претежно од снег. Во пониските делови долж Повардарието врнежите ќе бидат мешани од дожд и снег, а кон крајот на денот целосно ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец кој наместа повремено ќе засилува, со утрински температури од -3 до 4 степени и дневни од -1 до 6 степени Целзиусови.

Веќе в понеделник, на 30 ноември, времето ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди и со услови за појава на утринска магла. Утринските температури ќе се движат од -7 до 2 степени, а максималните од -3 до 7 степени, без активни метеоролошки предупредувања.

Значајно заладување настапува на почетокот од декември. Во вторник, на 1 декември, се очекува сончево време со мала облачност, слаб северен ветер и минимални температури во интервал од -16 до -3 степени, додека дневните ќе достигнат од -3 до 8 степени. Најстудено утро се прогнозира за среда, 2 декември, кога минималните температури ќе паднат од -18 до -6 степени, со претежно сончево време и максимални дневни температури од 0 до 6 степени Целзиусови.

Вечерашните мерења на УХМР во 19 часот по локално време (18 UTC) покажуваат дека температурите веќе се спуштија под нулата на повисоките места. Најстудено е на Попова Шапка со измерени -2,7 степени, по што следуваат Маврови Анови со -2,2, Ѓуриште со -1,8, Лазарополе со -1,2, Пожаране со -0,8 и Крушево со -0,2 степени Целзиусови. Во Скопје-Петровец се измерени 3 степени, на Зајчев Рид 2,1 степен, додека најтопло во 19 часот е во Гевгелија со 5,7 степени.


Во текот на изминатите 12 часа најголемо количество воден талог е регистрирано во Струмица со 19 литри на метар квадратен. По 15 литри на метар квадратен наврнале во Пожаране, Берово, Демир Капија и Претор, во Маврови Анови се измерени 12 литри, а во Битола и на Попова Шапка по 11 литри на метар квадратен. Во Скопје на мерната станица Петровец се измерени 6 литри, а на Зајчев Рид 5 литри на метар квадратен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс