Тоа по што Балканот е препознатлив оваа есен е бунтот на младите кои повеќе не сакаат да заминат од сопствените држави. Откако студентските блокади и протести во Србија резултираа со промена на политичкиот врв, сличен генерациски бунт веќе шест месеци ја тресе и Албанија. Денес земјата го одбележува Денот на независноста, но улиците на Тирана повторно стануваат сцена на силен граѓански револт. Речиси шест месеци по првите демонстрации, младите, студентите и граѓаните излегуваат на нова национална мобилизација со јасна порака: независноста не е само знаме и држава, туку право самите да одлучуваат за иднината и ресурсите на својата земја.
Протестите во Албанија започнаа како отпор против луксузниот ресорт на Џаред Кушнер и Иванка Трамп во заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, но брзо прерасна во судир со политичкиот естаблишмент во земјата.
Незадоволството на младите во Албанија се надоврзува и на енергијата на студентските протести во Србија покажувајќи дека младите генерации на Балканот одбиваат да прифатат дека иселувањето е единствениот излез од корупцијата, клиентелизмот и заробените институции.
За тоа како еколошките протести станаа масовни и го раздрмаа политичкиот естаблишмент, зошто на улиците во Тирана подеднакво се исвиркуваат и власта на Еди Рама и опозицијата на Сали Бериша и како албанските студенти ја гледаа лекцијата од Србија, разговаравме со Бора Мема, активистка од движењето „Заедно“ (Lëvizja Bashkë).
Трн: Што е планирано за овој викенд, каде, кога и кој го организира протестот?
Бора: Овој викенд, на 28 и 29 ноември, подготвуваме нова национална мобилизација во Тирана, која се совпаѓа со одбележувањето на Денот на независноста и Денот на ослободувањето на Албанија. Повикот е упатен и до Албанците кои живеат во странство, кои организираат собири за солидарност во земјите каде што живеат и се враќаат во Албанија за да се приклучат на протестите.
Мобилизацијата има за цел да ги обедини студентите, младите, работниците, активистите, граѓаните од различни градови и дијаспората. Ова не е демонстрација организирана од една политичка партија. Карактерот на движењето е граѓански и непартиски, а неговиот легитимитет доаѓа од учеството на обичните граѓани.
За мене, симболиката на овие датуми е особено важна. Независноста треба да значи повеќе од тоа да имаш национално знаме и држава. Таа треба да значи дека луѓето имаат контрола врз своите заеднички ресурси, своите институции и својата иднина. Не можеме да славиме ослободување додека граѓаните сè повеќе се чувствуваат развластени и лишени од сопствената земја.
Трн: Како би му објаснила на некој странец како започна сè?
Бора: Би го објаснила како конфликт за многу повеќе од еден хотел. Непосредниот повод беше планираниот луксузен ресорт во Звернец, во близина на заштитеното подрачје Вјоса–Нарта, поврзан со Иванка Трамп, Џаред Кушнер и нивните инвестициски интереси во некои од најважните природни подрачја на Албанија, особено островот Сазан и делтата Вјоса–Нарта, вклучувајќи ја и лагуната Нарта и околните области.
Овие подрачја се еколошки заштитени и се дом на стотици видови птици и друг жив свет, вклучувајќи ги и фламингата кои живеат таму преку целата година и го користат подрачјето како дел од нивните медитерански миграциски рути – па токму тие станаа симбол на движењето.

Противењето на проектот не се појави преку ноќ. Локалните заедници веќе протестираа со месеци, заедно со еколошките активисти, левичарските активисти и други граѓани. Нивната загриженост одеше подалеку од уништувањето на животната средина и вклучуваше присвојување на јавно земјиште и одземање на приватниот имот на селаните.
Непосредната пресвртница се случи за време на еден протест во областа Звернец. Според сведоштвата, припадници на приватното обезбедување ангажирано од градежната компанија одвлекле и нападнале локален жител, на крајот вперувајќи му пиштол в глава, додека полицајците присутни на местото на настанот не интервенирале.
Инцидентот беше снимен од граѓаните и се случи во присуство на политички претставници и други сведоци. Тоа стана еден од предизвикувачите за многу помасовните демонстрации што следуваа.
Реакцијата на владата дополнително ја влоши ситуацијата. Демонстрантите беа прикажани како агенти на странски држави – првично на Грција, а потоа и на Иран. Во меѓувреме, изјавата на премиерот Еди Рама дека странците се приоритет бидејќи носат пари во Албанија, ја зацврсти перцепцијата дека странските инвеститори се ставаат над албанските граѓани.
Интервјуто на Иванка Трамп, во кое таа опиша како го открила островот Сазан додека пловела на јахтата на еден пријател, исто така стана извор на јавен гнев и потсмев. За многу демонстранти, нејзиниот опис го симболизираше третирањето на албанската територија како нешто што е достапно за странско купување, без доволно признавање на суверенитетот на земјата и правата на нејзиното население.
Трн: Зошто од протест за еден проект за ресорт протестите прераснаа во нешто многу пошироко?

Бора: Ова масовно движење е отпор против систем во кој мал број моќни економски актери имаат влијание врз економијата и политичките институции. Тоа се спротивставува на одземањето на јавниот и приватниот имот; на префрлањето на земјиштето и природните ресурси на инвеститори преку повластени договори, вклучувајќи ја и рамката за стратешки инвеститори усвоена во Парламентот.
Тоа е против идејата дека странските инвестиции, луксузните недвижности и развојот на туризмот автоматски значат просперитет за обичните Албанци. И секако, тука е наталожената фрустрација од политичкиот систем во кој граѓаните се чувствуваат исклучени од одлуките што се однесуваат на нивната сопствена земја, во политички и социо-економски контекст на невработеност, миграција, недостапно домување, несоодветни јавни услуги и отсуство на пристојни услови за работа.
Следствено, движењето еволуираше од еколошка борба и спасување на земјата на заедницата во поширок предизвик за политичкиот и економскиот модел на Албанија. Луѓето почнаа да протестираат затоа што не сакаа заштитен природен предел, кој им припаѓа на јавноста и на идните генерации, да биде претворен во ексклузивна луксузна дестинација.
Но, проектот разоткри нешто многу подлабоко. Покрена фундаментални прашања: Кој е сопственик на земјата? Кој одлучува што се случува со јавното земјиште? Кој има корист од економскиот развој? И зошто обичните граѓани се толку често исклучени од одлуките што суштински влијаат на нивните животи?
Ресортот беше катализатор затоа што луѓето препознаа позната шема. Со години Албанија се соочува со постепено префрлање на јавните добра во приватни раце преку концесии, јавно-приватни партнерства, закони за стратешки инвеститори и други развојни шеми. Природата сè повеќе се третира како стока, додека јавниот интерес е подреден на приватниот профит.
Ова е поврзано со поширок модел на акумулација преку развластување. Проблемот не е само самата инвестиција, туку политичките и економските односи преку кои се организира инвестицијата: концентрација на богатство, привилегиран пристап до јавни ресурси, слаба отчетност и социјализација на трошоците додека профитите остануваат приватни.
А луѓето го чувствуваат ова во секојдневниот живот. Се соочуваат со ниски плати, недостапни станови, несигурни вработувања, влошени јавни услуги и чувство дека можностите зависат повеќе од политички врски отколку од заслуги или труд. Во меѓувреме, земјата сè повеќе се рекламира како успешна туристичка дестинација, но придобивките од овој раст се распределуваат крајно нееднакво.
Трн: Кое е вашето главно барање: оставка на Рама или нешто поголемо од тоа?

Бора: Оставката на владата на Еди Рама е едно од главните барања, но движењето не бара само промена на власта. Тоа го предизвикува поширокиот политички и економски систем што се развиваше во последните три децении.
Барањата вклучуваат:
- Укинување на законите за стратешки инвеститори.
- Враќање на заштитата на заштитените природни подрачја.
- Крај на влијанието на олигархиските интереси во донесувањето политички одлуки.
- Реформа на изборниот систем.
- За дел од демонстрантите, формирање техничка влада пред нови избори.
Пошироката визија е демократска Албанија во која демократијата се протега подалеку од изборите – во економијата, јавните услуги, универзитетите, работните места и управувањето со природните ресурси.
Трн: На протестите се скандира „Ниту власта, ниту опозицијата“, а исвиркувани се и Рама и Бериша. Што им замерувате?
Бора: Ние не го сметаме Бериша за опозиција. Затоа што проблемот не е исклучиво Еди Рама. Проблемот е политичкиот естаблишмент што доминира во Албанија повеќе од три децении.
Рама и Бериша претставуваат две спротивставени политички партии, но тие исто така претставуваат политички систем изграден околу персонализирана моќ, клиентелизам, непотизам и концентрација на политичко и економско влијание, поврзани со организираниот криминал и олигархијата.
Бериша беше на власт пред Рама, а Рама владее од 2013 година. Со децении албанската политика се претставува како избор меѓу овие два политички табора, додека основните структури на моќ остануваат главно недопрени.
Ја отфрламе идејата дека спротивставувањето на Рама автоматски значи поддршка за Бериша. Исто така, ја отфрламе идејата дека Демократската партија може да се претстави како алтернатива на систем во кој таа самата одиграла централна улога во обликувањето на политичките институции на земјата и социо-економскиот систем во кој живееме.
Демонстрантите изразуваат нешто што оди подалеку од незадоволството од одредена влада: тие не сакаат нивната политичка иднина да се сведе на избор меѓу истите две политички фигури.
Постои слоган што особено добро го доловува ова чувство: „Rama në burg, Berisha në burg“ – „Рама в затвор, Бериша в затвор“. Тој го изразува барањето дека одговорноста мора да важи за секого, без оглед на политичката припадност. Се разбира, наводите мора да се истражат, а одговорноста да се утврди преку независни судски процеси.
Родена сум во 1993 година, кога Бериша веќе беше на власт. Во 1998 година Еди Рама беше министер, а подоцна и градоначалник на Тирана. Поголемиот дел од мојот живот го поминав слушајќи ги нивните лаги и трпејќи ги последиците од нивните политики и корупција. Уште како дете слушам дека живееме во посткомунистичка транзиција и дека за тоа е потребно време. Па, верувам дека ова скандирање го претставува она што го донесе ова движење: крај на транзицијата во Албанија засекогаш!
Трн: Каде одите понатаму ако Рама не се повлече? Дали постои план?

Бора: Искрено, не мислам дека некој може точно да предвиди како ќе се одвива ова. Но, едно знам – никој не би замислил дека сè уште ќе протестираме речиси 180 дена по првите масовни демонстрации во Тирана на 31 мај и 1 јуни. Никој не очекуваше луѓето да излегуваат секој божји ден, речиси шест месеци, и покрај зголемената репресија, полициското насилство и обидите на владата да го обесхрабри учеството.
Владата дури се обиде да го ограничи уставното право на граѓаните на протест, вклучително и преку казни изречени на демонстрантите. Уставниот суд исто така интервенираше во врска со некои од овие мерки, прогласувајќи одредени одредби за неуставни. Сепак, ништо од ова не успеа да ја запре мобилизацијата.
Така што, иако не можеме да го предвидиме секој развој на настаните, не мислам дека повлекувањето или едноставното прифаќање на ситуацијата е опција. Нашето барање останува оставка на Еди Рама и почеток на нов процес на демократска обнова во Албанија. Тоа значи создавање услови за вистински слободни и фер избори, враќање на демократската отчетност, заштита на уставните права и отфрлање на законските измени што дополнително ги поткопуваат овие принципи.
Тоа исто така значи дека оние кои се одговорни за корупција и злоупотреба на јавните ресурси мора да се соочат со последици. Ова ги вклучува политичарите, но и бизнис-интересите што дејствуваат зад фасадата на таканаречените стратешки инвестиции. Сакаме одговорност преку владеење на правото и независни институции. Но, за да се случи тоа, потребни ни се и институции кои се вистински независни, праведни и ослободени од корупција.
Непосредното политичко барање е оставка на Рама. Покрај тоа, сакаме законите и проектите што овозможија развластување на јавните ресурси да бидат преиспитани и променети.
Не велиме дека едноставно ќе чекаме и ќе видиме што ќе се случи следно. Знаеме на што сме посветени: продолжување на мобилизацијата сè додека не се исполнат овие барања. Не можеме да ја предвидиме иднината, но ја знаеме нашата решителност.
Сведок сум на посветеноста, дисциплината, храброста и надежта на луѓето што учествуваат на овие протести. Тоа го гледате во очите на младите луѓе кои одбиваат да прифатат дека нивната иднина мора да биде некаде на друго место; кај постарите луѓе на кои им недостигаат нивните деца и внуци кои емигрирале; и кај обичните работници и семејства кои секојдневно се борат да врзат крај со крај. Луѓето кои со години се обидуваа само да преживеат, сега избираат да се борат за можноста да имаат пристоен живот во Албанија.
И мислам дека нешто суштински се промени. Луѓето ја открија својата колективна сила. Откако ќе го доживеете тоа, многу е тешко да се вратите на чувството дека ништо не може да се промени.
Трн: Дали разговарате за излегување на избори, на пример како студентите во Србија со сопствена независна листа?

Бора: Споредбата со Србија ја сметам за особено интересна, можеби дури и историски значајна во однос на тоа како луѓето во нашите две земји ги перцепираат меѓусебните борби.
За првпат, мислам, гледаме многу Албанци како гледаат кон Србија за да разберат што се случува таму и што би можеле да научат од студентското движење. Историски гледано, односот меѓу нашите општества беше прилично ограничен и премногу често посредуван преку политичките односи меѓу лидерите како Вучиќ и Рама, или преку екстремни националистички наративи.
Сега се случува нешто поинакво. Луѓето гледаат кон српските студенти и се прашуваат: ако тие можат да организираат толку масовна мобилизација и да предизвикаат етаблирано политичко раководство, што можеме ние да научиме од нивното искуство во Албанија?
А инспирацијата оди во двете насоки. Преку моите врски со активисти и пријатели во Србија, видов и како луѓето таму ги следат и црпат инспирација од случувањата во Албанија.
Што се однесува до независна студентска изборна листа, тоа секако е тема на разговор, како на социјалните мрежи, така и меѓу демонстрантите. Но, ништо не е одлучено.
Мислам дека е важно да учиме од другите движења, да разменуваме искуства и да ги препознаеме можностите што можат да ги создадат различните форми на политичко организирање. Сепак, не треба да претпоставуваме дека истиот политички проект може едноставно да се пренесе од една земја во друга. Нашите политички контексти, институции и истории се различни.
Она што го сметам за особено интересно е ова меѓусебно препознавање меѓу две општества кои толку често биле разделувани од националистичката политика. Барем еднаш, Албанците гледаат кон Србија не низ призмата на нејзиното политичко раководство или историските антагонизми, туку низ искуството на обичните луѓе кои се организираат и бараат демократски промени. А и српските активисти исто така гледаат кон Албанија.
Ова само по себе го сметам за прилично еманципаторски момент. Тоа покажува дека солидарноста и политичката инспирација можат да ги преминат границите кои политичките елити често се обидувале да ги задржат поделени.
Трн: Што мислиш дека македонската јавност треба да знае за протестите во Албанија?
Бора: Би сакала македонската јавност, без разлика дали станува збор за Македонци, Албанци или припадници на која било друга етничка припадност, да разбере дека она што се случува во Албанија треба да ги загрижува и нив. Навистина не е важно дали зборуваме за проектот на Кушнер во Албанија, за слични интереси што ѝ пристапија на Србија, или за други таканаречени инвеститори кои доаѓаат во земји како нашите, често перцепирајќи ги како недоволно развиени економии каде што можат да тераат проекти со помалку пречки и поголеми можности за профит.
Денес дојдоа по Албанија. Утре можеби ќе дојдат по Северна Македонија, Србија или некаде на друго место во регионот.
Мораме да разбереме дека ова во суштина е борба за демократија, јавни ресурси, социјална правда и правото на граѓаните, без оглед на нивната етничка или национална припадност, самите да ја одредуваат иднината на своите земји.
Постојат многу паралели меѓу Албанија, Северна Македонија и другите земји низ регионот. Комодификацијата на природата, приватизацијата на јавните добра, влијанието на моќните бизнис-интереси врз политичките одлуки, влошувањето на јавните услуги и растечката оддалеченост меѓу граѓаните и политичките институции не се исклучиво албански проблеми. Тие се симптоми на еден поширок политички и економски модел.
Во Албанија, проектот за ресорт во Звернец стана особено моќен симбол бидејќи ги спои сите овие прашања на едно место. Се разбира, вклученоста на Кушнер и семејството Трамп привлече и значително поголемо внимание од меѓународните медиуми. Но, не смееме да го изгубиме од вид фундаменталното прашање: заштитен природен предел беше третиран како инвестициска можност за моќни приватни интереси, додека од јавноста се очекуваше да прифати одлуки во кои имаше мало суштинско демократско учество и од кои ќе имаше многу мала корист.
Прашањето што треба да си го поставиме е: кој всушност има корист од овие инвестиции? Ако уништувањето на природата, приватизацијата на јавните ресурси и експлоатацијата на нашите заеднички добра генерираат профит за грст луѓе, додека трошоците ги сноси општеството, тогаш зошто обичните граѓани би го прифатиле тоа како развој?

Без разлика дали е во Албанија, Северна Македонија, Србија или каде било на друго место во светот, треба да застанеме против овој модел. Ова не е прашање на противење на инвестициите или развојот. Тоа е прашање каков развој сакаме, кој го контролира и кој има корист од него. Развојот не може да значи дека неколкумина стануваат побогати додека остатокот од општеството го губи пристапот до своите природни ресурси, јавни простори и основни права.
На крајот на краиштата, ова е борба за демократија, но тоа е и борба за нашите животи и за иднината на нашите општества.
Постои уште една димензија со која мислам дека младите луѓе низ целиот регион можат особено да се поврзат. Со години ни се кажува дека нашата иднина е некаде на друго место, дека емиграцијата е единствениот начин да се избега од политичкото разочарување, економската несигурност и недостигот на можности дома. Во Албанија ова стана речиси нормализирано. Претпоставувам дека многу луѓе во Северна Македонија, вклучувајќи ги и Албанците и Македонците, го препознаваат ова искуство.
Она на што сме сведоци сега е генерација која сè повеќе не сака да прифати дека заминувањето е единствениот одговор. Генерација која сака да остане, да има право на глас и да ја врати можноста да гради иднина во сопствената земја.
Се надевам дека младите луѓе во Северна Македонија, и Македонците и Албанците, ќе се препознаат себеси во оваа борба и ќе застанат едни покрај други. Бидејќи овие проблеми не прават разлика меѓу нашите етнички припадности, па не треба да прави ниту нашата солидарност.
Тие можеби ќе се обидат да нè поделат по етнички и национални линии, но губењето на јавните ресурси, уништувањето на природата, концентрацијата на богатството и ерозијата на демократијата нè погодуваат сите нас. Нашите борби се меѓусебно поврзани, а таква треба да биде и нашата солидарност.
