Подгответе се за студен пресврт: Дожд, северен ветер и вечерна снежна покривка во Скопје

Циклонската активност викендов носи локално над 30 литри дожд на квадратен метар, снег на планините и минусни утрински температури од понеделник.

Македонија од утрово, потпаѓа под влијание на циклонска активност што носи облачно и врнежливо време со засилен северен ветер, дожд во пониските предели и снег на планините. Попладне поради продор на постуден воздух од север, врнежите на некои од повисоките места ќе преминат во снег, а кон крајот на денот и во текот на ноќта услови за снег има и во Скопје.

Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни со количини над 30 литри на квадратен метар за 24 часа. На планините врнежите ќе бидат од снег.

Попладне со спуштање на постудена воздушна маса од север, дождот на некои од повисоките населени места ќе премине во снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе засилува до силен.

Во Скопје денот ќе помине со облачно време и повремени врнежи од дожд. Слаб до умерен северен ветер ќе дува низ котлината, а во делови од градот повремено ќе засилува. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, особено во повисоките делови од Скопската котлина, дождот ќе премине во снег.

Во текот на целиот циклонски период заклучно со недела, 29 ноември, на одредени места се очекува да наврнат вкупно над 80 литри воден талог на квадратен метар. На планините ќе се формира нова снежна покривка до 20 сантиметри, додека на повисоките места покривката ќе изнесува од 2 до 10 сантиметри.

Во недела времето ќе остане облачно со повремени локални врнежи претежно од снег, а во пониските места долж Повардарието од дожд и снег. Минималната температура утре ќе се движи од -2 до 7 степени Целзиусови, а максималната од 0 до 8 степени. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат, додека умерениот северен ветер наместа повремено ќе засилува.

Почетокот на следната работна седмица носи стабилизирање на временските прилики, но и значително заладување со утрински температури под нулата низ целата држава. Времето од понеделник ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и слаб до умерен северен ветер.


Во понеделник, 30 ноември, минималните температури ќе се спуштат во интервал од -7 до 2 степени Целзиусови, додека дневните максимални ќе достигнат од -2 до 6 степени. Најстудено утро се очекува во вторник, 1 декември, кога утринските температури ќе паднат од -14 до -2 степени, а максималните дневни ќе бидат меѓу -3 и 8 степени Целзиусови со слаб ветер од северен правец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс