Естонија потврди дека од 1 декември ги затвора копнените граници со Русија

Талин реагира на зголемени безбедносни закани и саботажи во Европа, додека паралелно отвора нови амбасади во Азербејџан и Ерменија.
Фото: William John Gauthier from Denmark, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Естонија од 1 декември ќе ги затвори своите граници со Русија, потврди шефот на естонската дипломатија Маргус Цахкна за време на официјалната посета на Баку. Одлуката доаѓа како одговор на зголемените безбедносни закани, саботажи и напади насочени кон европските држави, додека Талин истовремено го засилува своето дипломатско присуство на Јужен Кавказ.

Министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, ја соопшти одлуката за затворање на границата со Русија на свеченото отворање на новата естонска амбасада во главниот град на Азербејџан, Баку. Тој истакна дека владата во Талин не е среќна поради ваквиот чекор, но мора да реагира за да ја заштити сопствената територија и да ја зацврсти европската безбедност.

Естонија, која дели директна граница со Русија, во изминатиот период се соочува со зачестени руски саботажи и хибридни напади врз европска инфраструктура. Затворањето на граничните премини од 1 декември претставува директен одговор на овие безбедносни предизвици.

Покрај мерките на источната граница, Естонија го проширува своето дипломатско и економско влијание на Јужен Кавказ. Претходно годинава Талин отвори амбасада во Ерменија, а со новата дипломатска мисија во Баку ја заокружува стратегијата за долгорочно присуство во регионот.

Според Цахкна, историскиот мировен процес и нормализацијата на односите меѓу Азербејџан и Ерменија отвораат нови перспективи во регион кој до неодамна беше под доминација на Русија. По билатералната средба со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и министерот за надворешни работи Џејхун Бајрамов, естонскиот министер нагласи дека Талин го поддржува процесот на визна либерализација меѓу Азербејџан и Европската Унија.

Во фокусот на економската соработка се енергетската безбедност, развојот на Средниот коридор исток-запад што ги поврзува Азија и Европа, како и дигитализацијата и вештачката интелигенција. На состанокот на меѓувладината комисија претходно овој месец беа договорени практични проекти меѓу јавните институции и приватните компании, а најавено е и продлабочување на врските во туризмот и размената на студенти.

Цахкна пристигна во Баку директно од Киев, каде што, како што рече, последната ноќ градот бил под тешки напади со балистички ракети. Тој порача дека безбедносните случувања во различни региони се меѓусебно поврзани и дека меѓународната помош за Украина е клучна за земјата да ја издржи претстојната зима.


Естонија следната година ќе биде кодомаќин на Конференцијата за обнова на Украина. За време на разговорите во Баку, Цахкна изрази благодарност за досегашната хуманитарна поддршка од Азербејџан за Украина, која надминува 50 милиони долари (45,6 милиони евра) и вклучува храна, лекови и бесплатно гориво за возилата на итните служби преку бензинските станици на државната нафтена компанија СОКАР.

е-Трн да боцка во твојот инбокс