Самсунг развива хуманоиден робот: планира да работи во фабрики, но и да помага во домовите

Прототипот веќе им бил демонстриран на членовите на управниот одбор, а јавно претставување се очекува на Саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас во јануари 2027 година. Компанијата сака роботите да станат дел од производството, но и од секојдневието на луѓето.

Самсунг подготвува влез на пазарот на хуманоидни роботи. Јужнокорејскиот технолошки гигант минатата недела им претставил прототип на членовите на управниот одбор, а планира да го покаже и пред јавноста на Саемот за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, во јануари 2027 година, објави Ројтерс.

Демонстрацијата се одржала во истражувачкиот центар за роботика на компанијата во Сеул. Акцентот бил ставен на координацијата на движењата на целото тело и способноста роботот да подига предмети и да манипулира со нив со помош на рацете.

Роботските раце се најголемиот предизвик

Самсунг особено се фокусира на развојот на прецизни роботски дланки и прсти. Тоа е една од клучните пречки за поширока примена на хуманоидните роботи во индустријата, каде што машините мора сигурно да фаќаат, вртат и преместуваат предмети.

Колку е високо нивото на прецизност што се бара покажува и изјавата на Крис Хаузер, раководител на лабораторијата за роботика во одделот RX на Самсунг. Тој во септември објаснил дека робот со успешност од 99 проценти сè уште не е доволно сигурен за да биде вклучен во производна линија.

„Мора да достигне успешност од 99,99 проценти за навистина да биде воведен во производството“, рекол Хаузер, нагласувајќи дека ова е област во која грешките не се простуваат.

Од фабриките до помош во домовите

Долгорочните планови на Самсунг не завршуваат со индустриската примена. Компанијата размислува и за роботи наменети за домаќинствата, кои би извршувале домашни обврски и би им помагале на постарите лица. Во март годинава Самсунг објави дека до 2030 година планира да ги трансформира своите фабрики во погони управувани со вештачка интелигенција и да воведе хуманоидни роботи во производствените процеси.

Компанијата планира и производствена линија за хуманоидни роботи во Гуми, град во југоисточниот дел на Јужна Кореја, каде што се наоѓаат нејзините фабрики за паметни телефони.

Самсунг влегува во трка со Тесла и кинеските производители

За да го забрза развојот на оваа технологија, Самсунг во јули формираше посебен оддел – Robotics eXperience (RX), кој директно одговара пред извршниот директор ТМ Ро. Одделот е задолжен за истражување и развој, долгорочна стратегија и комерцијализација на роботските производи. Компанијата веќе има истражувачки активности во САД, Кина и Јапонија, а во 2024 година стана најголем акционер во јужнокорејската компанија за роботика Реинбоу Роботикс.

Со најавеното претставување, Самсунг се приклучува на сè поконкурентната трка во развојот на хуманоидни роботи, во која веќе се присутни кинескиот Јунтри, Тесла и Бостон Дајнамикс, компанија во сопственост на Хјундаи Мотор.


Извор: Ројтерс, Јонхап.

е-Трн да боцка во твојот инбокс