Што да правите денес во Скопје? Водич низ културната понуда

Три изложби се затвораат денес, во Дебар Маало се вртат плочи, а навечер има театар, филм и журка посветена на една држава што веќе не постои. Ова е нашиот избор за недела во Скопје, без да трчате од едниот до другиот крај на градот

Во последната недела од ноември, Скопје нуди доволно причини денот да не го поминете дома. Изложбите во Центар Јадро, Јавна соба и Музејот на Македонија се затвораат денес, попладнето е резервирано за плочи и базари, а вечерта за театар, филм и музика во живо. Еве што можете да посетите и како да ги споите настаните во еден ден.

Наутро: последна шанса за три изложби

Ако имате време само за една изложба, нека биде „Мазена, галена, пазена“ на Ана В’чкова во Центар Јадро, бидејќи денес е последниот ден за посета. Самостојната изложба на младата уметница е добра причина за прошетка. Ако сакате да видите како размислува новата генерација дизајнери, „Next Gen Design 2026“ во Јавна соба исто така се затвора денес. За оние што сакаат да откриваат приказни што историјата често ги прескокнува, Музејот на Македонија денес ја затвора изложбата „Тивки актери, гласни приказни“.

Ако имате деца или помлади браќа и сестри, во 11 часот во Јавна соба има работилница „Како да станеш елф?“, а од пладне во „Нест“ почнува магично шоу со Кико Магико, проследено со сликање на лице.

Попладне: плочи, базар и дружење

Од 15 часот во „Круг“ во Дебар Маало се одржува „Вртиме плочи“ – попладне за сите што сè уште купуваат винил, но и за оние што допрва ја откриваат оваа музичка форма. Од пладне во Тафталиџе работи дневниот базар „ДНЕВНА“, добра можност за прошетка, дружење и потрага по подарок пред празниците.

Љубителите на Формула 1 од 17 часот можат да ја следат трката на заедничка проекција во „Лабораториум“. Во 17 часот во „Рулбук кафе“ се одржува „Њукамер“, а во 18 часот во „Портал“ почнува вечер посветена на „Данџенс енд Драгонс“.

Навечер: театар, филм или журка со историја

Во 20 часот Театарот Комедија ја игра претставата „Мекита од Просјачка опера“. Мекит е главниот лик во „Просјачка опера“ на Џон Геј, напишана во 1728 година. Токму ова дело, два века подоцна, му послужило на Бертолт Брехт како основа за „Опера за три гроша“.


Ако повеќе ве привлекува филмот, во 21 часот „Лабораториум“ го прикажува „Можеш да видиш сè“. Во 20:30 часот триото „Зигот“ свири во „Бир гарден“ во Дебар Маало, а во исто време кафе-барот „Синдикат“ организира журка посветена на 29 ноември, некогашниот Ден на Републиката. Тоа е можеби најнеобичниот начин да се заврши денот – со музика и сеќавање на држава што одамна ја нема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс