Циклонско невреме над Македонија носи силен ветер, дожд и грмежи

Се очекува ветерот локално да достигне брзина до 75 километри на час, а попладне се можни поројни врнежи и грмотевици.

Македонија денеска ќе биде под влијание на циклонска активност, која ќе донесе поветровито и нестабилно време. Се очекува засилен до силен ветер од западен правец, кој локално може да надмине брзина од 70 до 75 километри на час.

Според прогнозата на метеопрогнозерот Славчо Попоски, поради циклонска активност со центар над Џенова, атмосферата нема да биде стабилна, а во попладневните часови локално ќе се развиваат грмотевични облаци. Тие може да донесат пороен дожд, грмежи, силен ветер, а на места и услови за појава на град.

УХМР исто така најавува период на променливо облачно време со сончеви периоди, а попладне услови за краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Според најавите, особено во понеделник и вторник ветерот на одредени места може да надмине 60 километри на час.

Поради силното југозападно и западно воздушно струење, кон Македонија повторно ќе се пренесува и сахарска прашина, па атмосферата може да биде заматена, а дождот на места да биде помешан со прашина.

Граѓаните се советуваат да бидат внимателни при движење на отворено, особено во попладневните часови, кога се очекуваат најизразени нестабилности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс