Постигнат компромис со Грција: ЕУ договори нов пакет санкции за Русија

Повеќедневните преговори завршија со договор за 21. пакет санкции откако Атина доби ограничено изземање за транспорт на руски течен гас.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денеска постигнаа договор за 21. пакет санкции против Русија. Одлуката следи по неколкудневни преговори и утринскиот компромис со Грција околу транспортот на руски течен гас за трети земји. Овој нов пакет санкции вклучува и замрзнување на горната граница на цената на руската нафта на 12 месеци.

Попладнево ќе биде покрената писмена постапка за формално донесување на одлуката за новите рестриктивни мерки. Дипломатски извори потврдуваат дека преговорите траеле со денови поради барањата на Атина.

Последната пречка за усвојување на пакетот беше грчкото барање. Атина инсистираше да им се овозможи на нејзините бродари и понатаму да вршат транспорт на руски течен гас наменет за трети земји.

Двете страни утринава постигнаа компромисно решение. Договорот предвидува ограничено изземање од забраната за транспорт. Оваа отстапка важи исклучиво за договори кои се склучени пред 24 февруари 2022 година, датумот кога започна руската инвазија на Украина. Советот на ЕУ еднаш годишно ќе го преиспитува одобреното изземање.

Покрај мерките за течниот гас, 21. пакет санкции директно таргетира и друг енергенс. Договорот опфаќа замрзнување на горната граница на цената на руската нафта. Ова ограничување ќе трае 12 месеци и се задржува на сегашното ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс