Дали горивата ќе поскапат или ќе поевтинат ќе биде познато утре, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ги соопшти новите малопродажни цени. Одлуката доаѓа во период на силни флуктуации на светските пазари, каде цената на нафтата се менува под влијание на геополитичките случувања на Блискиот Исток, како и разговорите меѓу САД и Иран. Експертите предупредуваат дека глобалната енергетска безбедност се соочува со сериозни предизвици.
Според извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, актуелната криза на Блискиот Исток се оценува како посериозна од неколку историски енергетски шокови, вклучително и оние од 1973, 1979 и 2022 година.
Дополнително, нарушувањата во Ормускиот теснец веќе предизвикале значајни потреси на светскиот нафтен пазар, кои аналитичарите ги опишуваат како едни од најголемите досега.
Состојбата во земјава
Домашните институции уверуваат дека засега има стабилно снабдување со гориво и дека состојбата се следи континуирано. Владата наведува дека се преземаат мерки во насока на стабилизација на пазарот, при што постојано се прават анализи за идните движења.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, досегашните владини мерки даваат резултати и цените на горивата се меѓу најниските во регионот, што, како што наведува, се гледа и преку зголемената потрошувачка во пограничните области.
Во изминатиот период беа донесени повеќе мерки – намалување на ДДВ и акцизите, како и договори за пониски набавни цени со ОКТА.
Тековни цени на горивата
Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика:
- Еуросупер БС-95: 80,5 денари/литар
- Еуросупер БС-98: 82,5 денари/литар
- Дизел: 94 денари/литар
- Екстра лесно масло за домаќинство: 97 денари/литар