Црвен аларм во Далмација: Силно невреме и метеоцунами ги поплавија Хвар и Вис

Суперќелиски систем од Италија донесе ветрови до 140 км/ч, град и ненадејно флуктуирање на нивото на Јадранското Море.
Фото: Screenshot/Dalmacija Danas

Брегот на Далмација е под црвено предупредување од Државниот хидрометеоролошки завод поради силно невреме и појава на метеоцунами. Суперќелиски систем кој пристигна од правeцот на Италија предизвика поплавување на бреговите во Хвар и Вис, додека на отворено море се прогнозираат ветрови со брзина над 140 километри на час.

Попладневните часови донесоа појава на таканаречено метеоролошко цунами на среднодалматинските острови. По 17 часот, морското ниво брзо се покачи и ги поплави крајбрежните зони во Хвар и Вис, по што следуваше ненадејно повлекување на водата за речиси половина метар под вообичаеното ниво. Метеоролозите предупредуваат дека ова е само вовед во поизразени атмосферски нарушувања во текот на ноќта.

Невремето кое се разви во близина на Анкона премина преку отвореното море и го зафати подрачјето од островот Вис кон југот на Италија. Метео моделите укажуваат дека на отворено море ветровите од западен правец ќе надминат брзина од 140 километри на час, што создава опасни услови за пловидба. Во близина на брегот се очекуваат налети на ветер со брзина поголема од 100 километри на час, проследени со обилен дожд и локална појава на град.

Освен црвената ознака од хрватските власти, и Европскиот центар за прогнозирање олуи (ESTOFEX) издаде највисок, трет степен на предупредување за средниот и јужниот Јадран. Властите и пожарникарските служби апелираат на максималено внимание.

Поради најавените силни ветрови и високите температури кои претходно преминуваа 30 степени, во Сплитско-далматинската жупанија е прогласена и зголемена опасност од избивање на шумски пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс