Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, учествувала во сообраќајна несреќа во која се здобила со полесни телесни повреди.
По несреќата била пренесена во Општата болница во Изола, каде останала на набљудување, а денеска е пуштена на домашно лекување, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Несреќата се случила во тунелот Кастелец
Сообраќајната несреќа се случила вчера во тунелот Кастелец, додека претседателката се враќала од Република Хрватска, каде била на годишен одмор.
Пирц Мусар патувала кон службен настан во Коменда, чиј почесен покровител е таа. Станува збор за почеток на тридневна велосипедска манифестација што се одржува во чест на словенечкиот велосипедски ас Тадеј Погачар, неодамнешен победник на Тур де Франс.
„Претседателката на Републиката им се заблагодарува на сите служби за итна помош кои несебично помогнаа, а особено на стручниот и љубезен персонал во Општата болница Изола“, се наведува во соопштението.
Повредени се две лица
Полициската управа Копер потврди дека вчера во 16:57 часот добила пријава за сообраќајна несреќа на автопатот во правец кон Љубљана.
Во несреќата учествувале две службени полициски возила кои биле дел од колона во придружба на заштитено лице.
Според досега собраните информации, во несреќата се повредени две лица. Едното лице се здобило со полесни, а другото со тешки телесни повреди. Двете лица биле пренесени со возило на итната медицинска помош во Општата болница Изола.
Тунелот бил затворен неколку часа
Поради итните интервенции и увидот, тунелот Кастелец бил привремено затворен за сообраќај.
„Поради спроведување итни интервенциски активности и увид, местото на несреќата, тунелот Кастелец, беше привремено затворено за целиот сообраќај. Повторно беше отворено во 20:19 часот“, соопшти Полициската управа Копер.
Истрагата за несреќата сè уште трае. За случајот е известен и надлежниот оддел на Специјализираното државно обвинителство на Република Словенија.