Москва под масовен напад: Украина со 400 дронови ја нападна руската престолнина

Руските власти потврдија бран од повеќе од 400 беспилотни летала, додека на терен горат логистички центри и нафтени објекти.
Фото: Exilenova+

Московската Област ноќеска се соочи со незапомнет напад со дронови од Украина, во кој, според руските власти, учествувале над 400 беспилотни летала. Градоначалникот Сергеј Собјанин соопшти дека противвоздушната одбрана соборила десетици летала на приодите кон престолнината, но локалните жители и независните медиуми пријавуваат експлозии и големи пожари во индустриските зони во Подолск и Домодедово.

Според објавите на руските медиуми и снимките од социјалните мрежи, нападот предизвикал сериозни штети на клучна цивилна и индустриска инфраструктура. Во Подолск избувна пожар во логистичкиот центар „Коледино“, кој е еден од најголемите дистрибутивни објекти на компанијата Wildberries. Независната медиумска платформа „Астра“ преку анализи на отворени извори потврди дека во истиот реон е погодена и запалена нафтена база.

Пожар е забележан и во индустрискиот комплекс „Јужни Ворота“ во Домодедово, каде што исто така е зафатен голем магацински простор.

Руската федерална агенција за воздушен сообраќај „Росавијација“ воведе привремени ограничувања за сите летови на московските аеродроми. Жителите на руската престолнина добија предупредувања за можни прекини во интернет мрежата, додека сирените за воздушна опасност беа активирани во уште 13 други области, меѓу кои Белгород, Курск, Воронеж, Тула и Јарославл.

Градоначалникот Собјанин тврди дека 85 дронови биле уништени во непосредна близина на Москва, а вкупно над 400 се движеле кон регионот. Тој не објави детали за штетите, наведувајќи само дека оперативните служби работат на терен.

Воените блогери во Русија го оценија овој напад врз Москва како еден од најголемите од почетокот на конфликтот. Новиот бран следи само два дена по претходниот напад од 18 јули, кога беа погодени нафтена база во Ногинск и друг дистрибутивен центар во Електростал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс