Напад во срцето на Лондон: Четворица мажи повредени, уапсена 47 годишна жена

Четворица мажи се повредени во напад во Ковент Гарден, една од најпознатите и најпосетувани области во центарот на Лондон. Полицијата уапсила 47 годишна жена, а според првичните информации случајот би можел да биде поврзан со нејзината психичка состојба.

Четворица мажи на возраст од 34, 39, 42 и 52 години се повредени во напад што во средата се случил на улицата Ендел во Ковент Гарден, во центарот на Лондон. На местото веднаш интервенирале полицијата и екипите на итната медицинска помош.

На повредените најпрво им била укажана медицинска помош на самото место, по што биле пренесени во траума центар на понатамошно лекување. Засега нема официјални информации за тежината на нивните повреди.

Лондонската полиција соопшти дека на местото на настанот била уапсена 47 годишна жена под сомнение за напад и поседување опасен предмет. Полицијата пронашла и ножици за кои постои сомнение дека биле употребени при нападот.

Според првичната процена на истражителите, инцидентот би можел да биде поврзан со психичката состојба на осомничената. Полицијата продолжува да ги утврдува околностите и мотивите за нападот.

Нападот се случил во Ковент Гарден, прометна област во центарот на британската престолнина позната по бројните продавници, ресторани, театри и туристички атракции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс