Над 130.000 млади Германци најавуваат протести: Незадоволството од образованието и климатската политика расте

Иницијативата „Генерацијата З презема иницијатива“ најави собири во 23 германски градови. Додека дел од политичарите предупредуваат на можни насилни инциденти, организаторите и социолозите велат дека младите сакаат мирно да го изразат незадоволството од системот.

По протестите и немирите што ја потресоа Франција, германските власти со загриженост го очекуваат претстојниот викенд. Иницијативата „Генерацијата З презема иницијатива“ („Gen-Z regelt“) најави масовни собири во 23 градови низ Германија, а до вторникот за учество се пријавиле околу 134.000 луѓе.

Додека конзервативните политичари предупредуваат дека протестите би можеле да бидат искористени од левичарски екстремистички и насилни групи, социолозите посочуваат дека собирите се организирани и уредно пријавени, а нивната основна цел е мирно изразување на незадоволството. За тоа пишува „Дојче веле“.

Младите велат дека политиката ги игнорира нивните потреби

Политичарот од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Александер Тром, предупредил дека сценарија слични на немирите во Франција мора да бидат спречени. Неговиот партиски колега Марк Хенрихман, пак, изразил загриженост дека насилни левичарски екстремисти би можеле да преминуваат државни граници за да учествуваат во грабежи и други кривични дела.

Младите Германци, родени приближно меѓу 1995 и 2010 година, велат дека нивното незадоволство произлегува од конкретни проблеми во општеството. Меѓу нив се влошувањето на образовниот систем, недостигот од наставници, дотраените училишни згради и недоволните мерки за справување со климатските промени.

„Многумина се крајно фрустрирани. Она што ни е заедничко на сите е тоа што нашето трпение – кога станува збор за образовниот систем – е при крај“, изјавил 19-годишниот Квентин Гертнер, поранешен претседател на Сојузната конференција на ученици, за „Дојче веле“.

Според него, политичарите, во обид да обезбедат поддршка од постарите гласачи, ги занемаруваат потребите на младите генерации.

Домувањето, климатската политика и воените обврски меѓу причините за незадоволство

Критиките кон односот на политиката кон младите ги споделуваат и опозициските политичари. Феликс Банашак, претседател на партијата Зелени, оценил дека „меѓугенерацискиот општествен договор повеќе не функционира“. Тој посочил дека постарите генерации ја довеле климатската политика во ќорсокак, додека младите се соочуваат со високи трошоци за домување и нови воени обврски.

И покрај предупредувањата за можни немири, организаторите и социологот Себастијан Коос од Универзитетот во Констанц сметаат дека главниот мотив на младите е фрустрацијата од институциите и општествените услови, а не желбата за насилство. Сепак, Коос не ја исклучува можноста екстремистички групи да се обидат да ги искористат законски пријавените собири за предизвикување нереди.


„Полицијата и надлежните органи секако мора да бидат добро подготвени“, предупредил тој во изјава за „Дојче веле“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс