Повеќе од 100 текстилни работнички и работници од штипските конфекции „Фермактекст“ и „Европа фешн“ излегоа на протест во Штип барајќи исплата на заостанатите плати, придонеси и законски надоместоци што, според нив, им се должат од минатата година. Со поддршка на здружението „Гласен текстилец“, работниците побараа институциите конечно да постапат по нивните претставки и да ги заштитат нивните работнички права.
Тие велат дека не им биле исплатени три плати за април, мај и јуни 2025 година, како и регресот за годишен одмор (К-15) и отпремнините што им следуваат според закон. Дополнителен проблем е што не им биле уплаќани придонеси, поради што останале и без здравствено осигурување.
„Три месеци не земавме плата, немавме никакви придонеси и ни беше укинато здравственото осигурување. Очекуваме државата конечно да ги заштити нашите права“, изјави една од работничките на протестот.
Меѓу демонстрантите беше и 59-годишната Светлана Петкова, која 17 години работела во двете конфекции. Таа сведочи дека работниците биле оставени без никакви приходи и без пристап до здравствена заштита.
Од здружението „Гласен текстилец“ информираат дека вкупниот долг кон работниците надминува 13 милиони денари, односно околу 211 илјади евра.
Претседателката на здружението, Кристина Ампева, посочи дека случајот веќе е предмет на постапка пред германскиот Национален контакт-пункт за ОЕЦД насоките, бидејќи станува збор за компании со германски капитал, додека управителите на фирмите биле државјани на Бугарија.
Според Ампева, германските институции веќе побарале информации од сопствениците и одговорните лица, а за случајот биле известени и германските амбасади во Скопје и Софија.
Работниците и „Гласен текстилец“ упатија апел до Јавното обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР да постапат по поднесените претставки и да обезбедат заштита и за работниците и за државниот буџет.