Илон Маск поднесе тужба против OpenAI, нејзиниот коосновач Сем Алтман, претседателот Грег Брокман и инвеститорот Microsoft, обвинувајќи ги дека ја напуштиле првичната непрофитна мисија на организацијата.
Според пишувањето на „Wired“, случајот се фокусира на тврдењето дека OpenAI првично била основана како организација чија цел е развој на вештачка општа интелигенција (AGI) во корист на човештвото и со отворен пристап до технологијата.
Маск, кој бил еден од првите донатори со околу 38 милиони долари, тврди дека подоцна компанијата се трансформирала во хибриден модел со профитен огранок кој остварува милијарди приходи, додека најнапредните модели остануваат затворени за јавноста.
OpenAI и нејзините претставници ги отфрлаат обвинувањата, тврдејќи дека Маск бил запознаен со плановите за комерцијален развој уште во раните фази и дека самиот учествувал во креирањето на корпоративната структура.
Во тужбата се наведуваат три клучни точки: кршење на добротворно доверие, измама и неправедно збогатување. Маск бара судот да отстрани дел од раководството, да врати добивка во непрофитниот дел и да ја преиспита правната форма на компанијата.
Случајот добива дополнителна тежина поради вмешаноста на Microsoft, како и потенцијалното сведочење на клучни личности од технолошкиот сектор.
Правни експерти предупредуваат дека исходот може да постави важен преседан за тоа како се регулираат непрофитните организации кои преминуваат во комерцијални технолошки компании.