Москва молчи за новиот смртен случај во Сибир, СЗО бара итна истрага

Женева бара итни податоци за тестирањата откако во Иркутск почина уште едно лице, а руските власти тврдат дека нема инцидент.

Светската здравствена организација побара официјални информации од Русија по веродостојните извештаи за нов смртен случај од белодробна чума во сибирскиот град Иркутск. Женева бара детален увид во состојбата на теренот, откако Москва одби да потврди дека претходната смрт на 28-годишна научничка од локалниот специјализиран институт е поврзана со опасната бактерија.

Барањето од Женева уследи по медиумски извештаи што стручните служби на меѓународната организација ги оценија како веродостојни. Одговор од руските власти сè уште нема.

Првиот човек на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека организацијата во моментов нема целосна слика за епидемиолошката ситуација во Сибир. Без точни податоци од руските институции, меѓународните експерти не можат да направат целосна проценка на ризикот за пошироката јавност.

Случајот доби на тежина по смртта на млада научничка вработена во Институтот за сузбивање на чума во Иркутск. Руските власти официјално наведоа дека причина за нејзината смрт е воспаление на белите дробови од непознато потекло. Според тврдењата на надлежните во Русија, во научната установа не се случил никаков безбедносен инцидент.

СЗО инсистира на конкретни медицински докази. Организацијата бара точни информации за тоа какви лабораториски тестови се направени врз починатата научничка, но и врз другите лица кои биле во непосреден контакт со неа пред да настапи смртта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс