Лионел Меси првпат јавно ја коментираше познатата фотографија на која го држи Ламин Јамал како шестмесечно бебе. Речиси 19 години по нивната случајна средба, Аргентинецот и Шпанецот ќе се најдат на спротивни страни во финалето на Светското првенство.
Историската фотографија му била покажана на Меси од легендата на американскиот фудбал Том Брејди, за време на Fanatics Fest во Њујорк. ФИФА во рамки на настанот организирала претставување на финалето, а прашања до фудбалерите и селекторите поставувале познати спортски имиња.
„Таа фотографија е лудост. Се фотографирав со него додека беше бебе, а сега двајцата играме финале на Светското првенство. Тоа е лудост“, изјави Меси.
Аргентинскиот капитен го пофали Јамал, но додаде дека неговата репрезентација ќе се обиде да го спречи во најважниот натпревар на турнирот.
„Тој во моментов е еден од најдобрите играчи во светот. Му посакувам сè најдобро, бидејќи она што е добро за него е добро и за Барселона. Ќе се обидеме да се погрижиме да не биде во своето најдобро издание. Шпанија игра одлично и не е сè само до него, но и ние имаме свои адути“, рече Меси.
„Многу го следев поради Барселона“
Меси најголемиот дел од професионалната кариера го помина во Барселона, додека Јамал ја помина истата фудбалска академија и стана новата голема ѕвезда на каталонскиот клуб.
Поради врската со Барселона, Аргентинецот призна дека редовно ги следел настапите на младиот шпански репрезентативец.
„Тој е врвен играч. Многу го следев затоа што игра за клубот што го сакам. Му посакувам сè најдобро. Веќе е светска ѕвезда, има 19 години и целата кариера е пред него. Ние ќе дадеме сè од себе овојпат да не стане светски шампион“, порача Меси.
Финалето поради нивната заедничка фотографија се претставува и како симболична средба на две фудбалски генерации.
Меси има 39 години и со Аргентина се обидува да ја одбрани титулата освоена во 2022 година, додека 20 години помладиот Јамал го предводи европскиот шампион Шпанија. Ниту една репрезентација не успеала да ја одбрани светската титула по Бразил во 1962 година.
„Двајцата пораснавме играјќи фудбал, со многу страст и постојана желба да играме и да уживаме. Никогаш не размислувавме за притисокот. Сакаме да победуваме, но и да играме добро. Не е секогаш можно да се игра добро. Тоа го научив уште како дете и поради тоа станав подобар играч и подобра личност“, изјави аргентинскиот капитен.
Како настанала фотографијата?
Фотографијата била направена во септември 2007 година, во гостинската соблекувална на „Камп Ноу“. Меси тогаш имал 20 години, а Ламин Јамал само шест месеци.
На една од фотографиите Аргентинецот го држи бебето во раце, додека на друга, заедно со мајката на Јамал, Шејла Ебана, му помага при капење во пластична када.
Снимањето било организирано за добротворен календар на локалниот весник „Спорт“ и УНИЦЕФ. Семејствата од Матаро се пријавувале на извлекување за фотографирање со фудбалерите на Барселона, а семејството на Јамал било избрано токму за средба со Меси.
Фотографиите ги направил Жоан Монфорт, кој подоцна раскажал дека Меси на почетокот не знаел како да го држи бебето и дека снимањето било предизвик бидејќи младиот фудбалер бил повлечен и несигурен во ситуацијата.
Ниту фотографот не знаел дека бебето од снимките е идниот шпански репрезентативец, сè додека фотографиите речиси две децении подоцна повторно не почнале масовно да кружат на интернет.