ХЕРА и Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола го отворија првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, со што за првпат жените од Пелагонискиот регион добиваат пристап до оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење.
Со отворањето на советувалиштето значително се намалуваат географските, финансиските и организациските бариери со кои досега се соочуваа жените од Пелагонија и околните региони, особено оние од руралните, ранливите и маргинализираните заедници.

Новото советувалиште е воспоставено според моделот што од 2021 година успешно функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Во рамките на партнерството бил адаптиран просторот, набавена е неопходната медицинска опрема, обучен е здравствениот кадар и е обезбедена стручна поддршка преку менторство од експерти од Клиниката.
Директорката на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, спец. д-р Ненси Лозанче, истакна дека воведувањето на новата услуга претставува важен чекор кон развој на современо и достапно јавно здравство.

Раководителот на Одделението за гинекологија и акушерство, спец. д-р Михајло Вангелов, нагласи дека пациентките отсега ќе можат да добијат комплетна услуга за медикаментозен абортус во безбедна, доверлива и достоинствена средина, согласно препораките на Светската здравствена организација и националните клинички упатства.
Претседателот на ХЕРА, спец. д-р Велимир Савески, оцени дека отворањето на советувалиштето е значаен чекор за унапредување на репродуктивното здравје и еднаквиот пристап до здравствени услуги.
Според него, податоците покажуваат дека кога услугата е достапна, жените ја препознаваат како безбедна и современа опција. Во 2024 година, 93,5 проценти од абортусите на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје биле извршени со медикаментозна метода.
Медикаментозниот абортус е препорачан од Светската здравствена организација како безбедна и високо ефективна метода за прекин на бременоста. Кога се спроведува според клиничките упатства, успешноста е поголема од 95 проценти, а методата овозможува поголема приватност, достоинство и комфор за пациентките.
Советувалиштето е отворено во рамките на проектот „Проширување на пристапот до безбеден абортус во Република Северна Македонија“, кој ХЕРА го реализира со поддршка од Safe Abortion Action Fund и Меѓународната федерација за планирано родителство.