Нови детали за масакрот во Тајланд: тинејџерот ги убил бабата и дедото пред нападот во училиштето

Во крвавиот поход во покраината Нонтабури загинаа вкупно осум лица, а 23 се ранети со оружјето што тинејџерот го земал од сопствениот дедо.
Фото: EPA/RUNGROJ YONGRIT

Вкупно осум лица загинаа, а 23 се ранети откако 14-годишен ученик отвори оган во училиште на периферијата на Бангкок, откако претходно ги убил сопствените баба и дедо. Трагичниот инцидент се случи во петокот во училиштето „Дебсирин Нонтабури“ во округот Банг Круаи. Според полицијата, тинејџерот пукал со пиштол во сопственост на неговиот дедо, испукувајќи најмалку 26 куршуми кон наставниот кадар пред да си го одземе сопствениот живот. Ова е најсмртоносниот масовен напад во Тајланд од 2022 година.

Според официјалните информации од тајландската полиција, 14-годишниот осомничен ги застрелал сопствените баба и дедо во нивниот дом, пред да се упати кон училиштето „Дебсирин Нонтабури“. Таму ги барал и застрелал наставниците и персоналот. Полицијата потврди дека сите пет жртви во училиштето биле вработени, а меѓу нив има машки и женски наставници пронајдени на горните катови од објектот.

Пристигнатите екипи на итната помош го пронашле напаѓачот со прострелна рана во главата. Спасувачите се обиделе да извршат реанимација откако утврдиле пулс, но тинејџерот подоцна им подлегнал на повредите. Кај него биле пронајдени уште 34 неискористени куршуми.

Во моментот на пукањето, во училиштето имало запишано околу 3.100 ученици и 147 наставници. Итните медицински тима згрижиле 23 повредени лица, главно со прострелни рани во пределот на градите, грбот и рацете. Повредените со возила на брзата помош биле пренесени во околните болници, додека преплашените ученици беа евакуирани од училишниот комплекс.

Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изрази сочувство до семејствата на жртвите, нарекувајќи го настанот ужасна трагедија за целата земја.

Овој инцидент е втор случај на пукање во училиште во Тајланд оваа година, по нападот на југот од земјата во февруари. Исто така, настанот е најтешкиот масовен злостор од 2022 година, кога поранешен полицаец уби 36 лица, меѓу кои 22 деца во градинка.

Тајланд има една од највисоките стапки на поседување оружје во Азија, со проценети 10,3 милиони парчиња огнострелно оружје во сопственост на цивили. Иако властите воведеа построги проверки за душевната состојба на сопствениците и привремени забрани за издавање нови дозволи, лесниот пристап до оружје останува сериозен безбедносен предизвик за земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс