Мамли: Имаме одлични диџеи, но премалку простор да се покажат

Во пресрет на „Пикник у Пелинце“, со Мамли зборуваме за домашната електронска сцена, за музиката што патува надвор од Македонија и за тоа зошто локалните артисти треба да бидат рамноправен дел од фестивалските програми.

Александар Мамли, познат на електронската сцена како Мамли, е македонски DJ и продуцент чија музичка приказна почнува уште во 2005 година, во време кога до електронска музика се доаѓаше преку ЦД-а, познанства и љубопитност поголема од можностите. Неговите први чекори се поврзани со транс музиката и псевдонимот Asterion, под кој во 2009 година го објавува своето прво издание, а подоцна неговиот звук природно се движи кон прогресив хаус, мелодично техно и инди денс.

Во неговата музика се препознаваат мелодичност, енергија и етно елементи што не звучат како обичен додаток, туку како дел од личен музички потпис. Со изданието „Ethnic Saz“ во 2021 година добива поддршка од големи имиња на светската електронска сцена, меѓу кои и Hernán Cattáneo, што за него доаѓа во период кога, поради проблем со слухот, бил блиску до одлуката да се повлече од музиката.

Во интервју за Трн, со Мамли зборуваме за првите ЦД-а што му го отвориле светот на електронската музика, за промената на звукот, за важноста на заштитата на слухот, за домашната електронска сцена и за тоа зошто фестивали како „Пикник у Пелинце“ се важни не само за публиката, туку и за артистите што создаваат од тука.

Трн: Твојата приказна со електронската музика почнува уште во 2005 година. Што беше првото нешто што те вовлече во тој свет: звукот, технологијата, сцената или чувството дека преку музика можеш да кажеш нешто без зборови?

Александар: Моето прво запознавање со електронската музика дојде преку постарата генерација во мојот град. Од нив слушавме приказни за разни настани и фестивали кои тогаш реално не можевме да ги посетуваме бидејќи бевме премногу мали. Имавме можност да слушнеме по некое ЦД на вокмен или ЦД-плеер што ќе ни го даде некој постар. Во тоа време буквално беше борба да се дојде до музика – речиси никој немаше интернет дома, а музиката се разменуваше преку познанства и копирање ЦД-а.

Мислам дека не беше само музиката тоа што ме привлече, туку целата култура околу неа – начинот на облекување, атмосферата, слободата што ја носеше таа сцена. Се сеќавам дека речиси сите имаа долга коса, како и јас тогаш, и некако сето тоа ми изгледаше како еден посебен свет во кој сакав да бидам дел.

Трн: Од транс артист под псевдонимот Asterion до прогресив хаус и инди денс, како се случи таа промена во звукот и што денес најмногу го дефинира Мамли како артист?

Александар: Реално, како што растеме и слушаме повеќе музика, така со текот на времето ни се менуваат и вкусот и стилот. Мислам дека тоа е сосема природен процес. Некогаш сакаш побрза и поенергична музика, а подоцна почнуваш да бараш нешто поинакво.

Кај мене таа промена почна некаде околу 2011–2012 година. Почнав да истражувам различни жанрови и да се интересирам за музика што носи повеќе емоција, атмосфера и приказна. Денес би рекол дека најмногу ме дефинира комбинацијата на мелодичност, енергија и етно елементи кои природно се вклопуваат во мојот звук.

Трн: Твоето издание „Ethnic SAZ“ доби поддршка од големи светски имиња, меѓу кои и Hernán Cattáneo. Што значи моментот кога музика создадена од овде почнува да патува низ светски сетови?

Александар: Во периодот пред да биде објавена „Ethnic SAZ“ бев на граница да престанам да се занимавам со музика. Од 2019 година имам проблем со слухот кој сè уште трае, но се трудам да се справувам со него и да продолжам понатаму.

Кога траката излезе и доби поддршка од големи имиња, меѓу кои и Hernán Cattáneo, тоа ми даде дополнителна мотивација да не се откажам.

Воедно, би сакал да испратам порака до сите што се занимаваат со музика: користете заштита за слухот (ear plugs) и грижете се за ушите. Слухот е нешто што многу лесно го земаме здраво за готово, а кога ќе се појави проблем, сфаќаме колку е важен.

Трн: „Пикник у Пелинце“ не е класичен клубски простор, туку фестивал во природа. Како отворениот простор, дневната енергија и публиката под отворено небо го менуваат начинот на кој го градиш сетот?

Александар: „Пикник у Пелинце“ е сосема поинакво искуство од настап во бар или клуб. Станува збор за фестивал во природа, во огромен парк, со голема бина и моќен звук, каде атмосферата е целосно различна.

Многу зависи и од тоа во кој дел од денот настапуваш. Дневните сетови бараат поинаков пристап и поинаква селекција на музика во споредба со вечерните часови. Отворениот простор и природата носат посебна енергија која секогаш влијае на тоа како ќе биде сетот

Трн: Колку е важно ваквите фестивали да ѝ дадат простор на домашната електронска сцена, не како споредна поддршка, туку како рамноправен дел од главната програма?

Александар: Многу е важно домашната сцена да добива поддршка на фестивалите и локалните артисти да имаат рамноправни термини со изведувачите од странство. Мислам дека тоа е еден од најдобрите начини да им се помогне на македонските артисти да се развиваат и да стигнат до поширока публика.

Имаме одлични диџеи и продуценти, но често немаат доволно простор да ги покажат своите квалитети. Во споредба со соседните земји, Македонија има значително помалку фестивали и настани посветени на електронската музика, што е малку разочарувачки. Токму затоа ваквите фестивали имаат уште поголемо значење за развојот на сцената.

Трн: Во Македонија често недостига континуитет во културните иницијативи надвор од главниот град. Што значи за Куманово и регионот еден ваков фестивал да расте од година во година?

Александар: Мислам дека самиот факт што фестивалот се одржува веќе седма година покажува дека е добро прифатен од публиката и дека постои реална потреба од вакви настани. Убеден сум дека е на добар пат да прерасне во уште поголем и позначаен фестивал.

За Куманово и целиот регион ова значи можност луѓето да доживеат квалитетен фестивалски настан во својата близина, без да мора да патуваат стотици километри за да ја почувствуваат таа атмосфера. Ваквите настани носат културен живот, нова публика и позитивна енергија во целиот регион.

Трн: Ако треба со една реченица да ја поканите публиката на 20 и 21 јуни во Пелинце, што би им кажале, што ги чека таму што не може да се доживее во град?

Александар: Ако сакате барем два дена да избегате од градот и да почувствувате како изгледа вистински фестивал во природа, се гледаме на „Пикник у Пелинце“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс