26 јули 5:17, моментот кога Скопје застана: 20 секунди што го променија градот

Од рушевините и светската солидарност во 1963 година, преку брутализмот на Кензо Танге, до денешниот борбен урбан хаос и потрага по идентитет.

На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот наутро, тлото под Скопје се затресе, а градот се распадна за само 20 секунди. Разорниот земјотрес од 6.1 степени според Рихтеровата скала остави зад себе над 1.000 жртви и 200.000 луѓе без дом. Сепак, од оваа катастрофа се роди и незапомнета светска солидарност што го претвори градот во симбол на надеж, обнова и визионерски урбанизам. За жал, визијата Скопје да прерасне во модерна светска метропола се изгуби во децените по земјотресот — некаде помеѓу брутализмот, антиквизацијата и градежниот хаос. Скопје и денес е град кој трага по својот идентитет.

Првите драматични минути и вестите за катастрофата

„Скопје е погодено од катастрофален земјотрес“

Со овие зборови, дежурниот телефонист во Пошта Скопје, Ѓорѓи Атанасовски, успеал да воспостави врска со Белград веднаш по разорниот удар и ја пренесол веста до Радио Белград. И покрај тешките оштетувања на објектот, Атанасовски останал на своето работно место и одиграл клучна улога во раната мобилизација на помошта. Преку агенциите ТАСС, BBC и други светски медиуми, веста за трагедијата набрзо го обиколила светот.

Сеизмолошката станица во Скопје била првата институција што го регистрирала потресот, но сите три сеизмографи биле исфрлени од функција. Раководителот д-р Драган Хаџиевски успеал да активира еден од уредите дури 38 минути подоцна. До крајот на денот беа регистрирани уште 122 последни потреси, а во текот на следната година — дури 582.

Сведоштва од урнатините: Кога тлото се распаѓаше

Како што поминуваат годините, живите сведоци на овој настан се сè помалку, па документацијата на нивните приказни останува од суштинско значење за градот да не заборави. За овие кобни денови сведочи и познатиот скопски фотограф Александар Кондев, чии сеќавања ја документираат суровата вистина за разорноста и првите денови од борбата за преживување.

Меѓу оние што го преживеале пеколот бил и Александар Герасимовски, тогаш осумгодишно дете затекнато кај роднини зад студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“:

„Се сруши кровот, небото го видов одозгора. Една бетонска топка се нишаше точно над мојата глава… Чичко ми влезе, нè завитка со братучед ми во чаршаф и истрча надвор додека сè уште се тресеше. Сликата на жената во ноќница со мртво бебе во рацете — тоа никогаш нема да го заборавам.“

Луѓето со очи полни прашина и страв се движеле низ улиците. За многумина, вклучително и за Герасимовски, животот продолжил во шаторските кампови во Градскиот парк и под Кале, каде што се живеело сè до доцна есен. Училиштата биле организирани под шатори, но и во тие тешки услови, наставите се одвивале со посебен жар.

Скопје пред и по ударот: Бројки на една трагедија

До утрото на 26 јули, Скопје било трет по големина град во Југославија, со околу 200.000 жители и со 25% од индустриската моќ на СР Македонија.

Во однос на човечките загуби, во катастрофата загинаа над 1.070 лица — меѓу кои 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Повредени беа над 2.900 луѓе, од кои дури 800 останаа со траен инвалидитет.

Материјалната штета исто така беше со огромни димензии, при што беа уништени околу 80% од целокупната градска структура. Над 15.800 станови беа целосно срушени, а дополнителни 28.000 беа тешко оштетени, што остави 76% од тогашното население без покрив над главата.

Меѓу срушените и тешко оштетените симболи на градот се најдоа Националната банка, Офицерскиот дом, Народниот театар, Кале, Куршумли ан, Сули ан и Чифте амам. Додека пак, часовникот на Старата железничка станица застана точно во 5:17 часот, останувајќи вечен симбол што и денес се чува во Музејот на град Скопје.

По пристигнувањето во градот, претседателот Јосип Броз Тито ја даде историската изјава:

„Скопје е погодено од невидена катастрофа, но ќе го изградиме повторно. Со помош на целата заедница, ќе стане наша гордост и симбол на братство и единство.“

Првиот странски новинар што слетал во градот бил Дејвид Биндер од The New York Times, кој го опишал Скопје од воздух како место погодено од масовно воено бомбардирање.

Град на светската солидарност

По апелот од ОН, дури 78 држави испратија финансиска, медицинска и градежна помош. САД испратија префабрикувани куќи и медицински тимови, а СССР спасувачки екипи, додека Никита Хрушчов лично го посети градот. Скопје го доби придевот „Град на светската солидарност“, а голем број улици и населби ги понесоа имињата на донаторите: Мексичка, Букурешт, Руски згради, Шведски бараки.

Герасимовски се сеќава на несекојдневната емпатија од тоа време:

„Имаше една солидарност што денес ја нема. Му дадов едно чоколатце на еден советски војник, а тој пет минути подоцна ми донесе војнички ашов на склопување. Гестот остана засекогаш. Во паркот дури се организираа и концерти — се сеќавам кога дојде диригентот Зубин Мехта, никој не знаеше кој е, но тоа беше почеток на нов културен живот.“

Архитектонското раѓање на новиот модерен град

За изработка на новиот урбанистички план, Обединетите Нации го ангажираа полскиот експерт Адолф Циборовски (познат по реконструкцијата на Варшава), заедно со грчката компанија Doxiadis, полската Polservice и домашните експерти предводени од Коле Јордановски и Љубе Пота.

Клучниот печат го остави јапонскиот архитект Кензо Танге, чија визија го претвори Скопје во глобален центар на модернизмот и брутализмот.

Меѓу најзначајните градби што го дефинираа тој нов лик е Поштата и Телекомуникацискиот центар, дело на архитектот Јанко Константинов, изведен како импозантна скулптурална ротунда од армиран бетон. На него се надоврзува и монументалниот Транспортен центар, проектиран од јапонскиот архитект Кензо Танге и официјално пуштен во употреба во 1981 година.

Академскиот и студентскиот живот добија свои препознатливи архитектонски симболи преку Универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“, дело на Марко Мушиќ, како и преку Студентскиот дом „Гоце Делчев“, проектиран од Георги Константиновски.

Културниот и јавниот живот беа дополнително збогатени со Музејот на современа уметност (МСУ) — донација од Полска, во кој се сместија вредни дела од светски мајстори како Пикасо, Калдер, Вазарели и Бури. Целината ја заокружија и Градскиот трговски центар (ГТЦ) на архитектот Живко Поповски, како и објектите на Македонската опера и балет и УХМР.

Скопје за првпат доби широки булевари со зелени појаси („Партизански одреди“, „Јане Сандански“), нови мостови и плански модерни населби како Аеродром, со што трошниот град се трансформираше во функционална метропола.

Децении на деградација: Каде е Скопје денес?

Планскиот развој траеше до почетокот на деведесетите години. Со транзицијата и промената на системот, започна непланска урбанизација која го кулминираше својот хаос со проектот „Скопје 2014“.

Наместо соодветно одржување на модернистичкото наследство, центарот на градот беше претворен во сценографија од стиропорни барокни фасади, споменици без контекст и историски фалсификати, кои од првичните 80 милиони достигнаа цена од над 640 милиони евра.

Денес, градот се соочува со загуба на некои од своите клучни јавни и културни простори, меѓу кои се Универзалната сала, Скопскиот саем и Луна паркот, кои со децении беа место за собир и забава на генерации скопјани.

Паралелно со тоа, агресивната урбанизација доведе до драстично намалување на градското зеленило, а со тоа постепено се изгуби и препознатливиот маалски дух и некогашната блискост меѓу соседите.

Секојдневието на граѓаните додатно го оптоваруваат нефункционалниот јавен транспорт и постојаниот сообраќаен хаос, кои дополнително ја отежнуваат мобилноста низ Скопје.

„Денес? Скопје е пренатрупано, урбан хаос. Се гради без душа и без план. Јас сум поборник на модернизмот, на Танге, а тоа сега го нема. Старите маала ги снема, а дружењето е заменето со анонимност и бетон. Со заборавањето на вредностите од 1963 година, го губиме и сопственото достоинство“, заклучува Александар Герасимовски.

Поука за иднината

Катастрофалниот земјотрес од 1963 година не успеа да го уништи Скопје — тој го издигна до статус на светски пример за човечка солидарност и архитектонска иновација. Помошта од 78 земји покажа дека во најголемите несреќи луѓето се сплотуваат.

Денес, додека градот сè уште трага по својот идентитет, останува обврската на новите генерации да не ги помнат овие настани само со формални изложби, туку со вистинско чување на вредностите, хуманоста и урбанистичката култура што некогаш го возобновија Скопје од пепелта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс