Финскиот претседател Стуб: Украина никогаш не била посилна

По телефонски разговор со Зеленски, Стуб порача дека Украина е подготвена за мир, а поддршката на партнерите останува клучна.
Фото: Vin.gov.ua, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Финскиот претседател Александар Стуб оцени дека позицијата на Украина моментално е најсилна од почетокот на руската инвазија и дека земјата е подготвена за мир. Ставот го изнесе на социјалната мрежа X, по телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според Стуб, разговорот со Зеленски бил насочен кон руската агресија врз Украина и кон следните чекори во дипломатскиот процес.

Финскиот претседател го пренесе и клучниот дел од пораката, „Разговаравме за руската агресија врз Украина и за следните чекори. Позицијата на Украина е посилна од кога било од почетокот на војната. Продолжената поддршка на партнерите е клучна за одржување на замавот. Украина е подготвена за мир.“

Стуб е претседател на Финска од март 2024 година.

Изјавата дојде во период кога и самиот Зеленски коментираше меѓународни односи. Украинскиот претседател неодамна рече дека американскиот претседател Доналд Трамп разбира дека Русија не е заинтересирана за завршување на војната.

Зеленски посочи дека клучен момент во неговиот однос со Трамп била кратка лична средба во Ватикан. Средбата се одржа во базиликата „Свети Петар“ во Рим, во април 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс