Во Грција е во сила итно предупредување за опасни временски услови предизвикани од циклон со обилни врнежи од дожд, грмотевици и силни ветрови.
Цивилната одбрана на Грција го активираше информативниот систем за итни случаи 112, испраќајќи СМС известувања до граѓаните и туристите низ целата земја. Главното влијание се очекува во периодот од петок попладне до сабота наутро.
На одредени популарни дестинации забележани се и пијавици, како и силен разорен ветер.
Медиумите од Грција направија и преглед за тоа каква е ситуацијата по одредени туристички места.
- Регион Халкидики (Касандра, Ситонија, Атос): Од петок наутро до доцна во ноќта се прогнозираат интензивни врнежи од дожд, придружени со силни грмежи и можност за локална појава на град. Ветерот во Солунскиот Залив ќе достигне јачина до 5 бофорти.
- Олимписки регион / Пиерија (Паралија, Лептокарија, Неи Пори, Катерини): Крајбрежните делови на Пиерија се под влијание на бури од петок напладне. Се очекуваат обилни врнежи од дожд, кои можат да предизвикаат кратки застои во сообраќајот и задржување на водата на патиштата.
- Солун и околината: Нестабилно време со обилни врнежи од дожд се очекува во текот на петок попладне и навечер, при што температурата ќе се спушти до 23°C. Бурата во овој дел почнува да слабее во доцните вечерни часови.
- Тасос, Самотракија и Лимнос: Тие се под портокалова тревога , но циклонот ќе ги достигне малку подоцна. Главниот бран врнежи и силни ветрови се прогнозираат за доцна во петокот навечер и ќе продолжат во раните утрински часови во саботата. На туристите на Тасос им се препорачува да бидат внимателни при возење поради намалена видливост и налети на ветер.
Според Грчките метеоролошки служби (EMY и Meteo.gr), овој циклон носи следниве ризици:
- Ветрови со гром и бура: Чести удари на гром и силни, ненадејни налети на ветер (мупуринија) што можат да скршат гранки и да соборат полесни предмети.
- Ризик од ненадејни поплави: Голема количина дожд во краток период носи ризик од поплавување на улиците во крајбрежните области.
- Пад на температурата: Температурите ќе се спуштат на 28-29°C на копното, додека подрачјата погодени од бурата ќе бидат уште постудени.
Во сабота, во текот на попладневните часови, врнежите постепено ќе престанат, додека
целосно враќање на сончево и топло летно време се очекува во цела Грција од недела.