Лира Грабул, ќерка на Искра и Јордан Грабул, архитектите на Македониумот во Крушево, изјави за Рацин.мк дека е запрепастена од тековните интервенции на споменикот и дека семејството не е известено за нив. Таа ги нарече „кокошарник“ галериите обвиткани со нова челична конструкција, поставена заради заштита од протекување.
Лира Грабул, ќерка на Искра и Јордан Грабул, авторите на Македониумот во Крушево, е сопственичка на авторските права за ова уметничко дело од прва категорија. Во изјава за Рацин.мк, таа остро реагираше на тековните интервенции на споменикот.
„Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум“, изјави таа.
Семејството Грабул, потенцира таа, го поседува авторското право врз споменикот.
Автентичноста на фотографијата ја потврди поранешниот градоначалник на Крушево, Томе Христоски. Тој рече дека снимката е вистинска, но додаде дека во живо состојбата изгледа уште полошо.
Христоски посочи и дека пред платото на Гумење веќе е поставен синџир, а за влез сега се наплаќа влезница.
За интервенциите МИА извести на 21 јули. Според агенцијата, со метална конструкција на галериите со витражи и стакло почна превентивно да се заштитува споменикот, во кој со години протекува вода. Работите се изведуваат под стручен надзор на Заводот и музеј – Прилеп и треба да завршат до крајот на месецов.
Мерката доаѓа откако споменикот, во ноември 2025 година, е прогласен за културно добро во опасност. Сузана Грибовска, советник конзерватор и архитект во Заводот и музеј – Прилеп, објасни дека челичната конструкција веќе е изработена, од кутиести профили со различни димензии. Ќе биде поставена на вкупно осум галерии со стакло, како и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и второто ниво од споменикот. Над конструкцијата се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри.
„Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот“, изјави Грибовска.
Работите треба да завршат пред 2 август. Инвестицијата изнесува 5,5 милиони денари. Годинава, пишува МИА, ќе почнат истражувањата и ќе се изготви основен проект за целосна конзервација на Македониумот.
Споменикот е изграден во 1974 година и е дел од споменичкиот комплекс Илинден, дело на архитектите Искра и Јордан Грабул.