Македонскиот кандидат за „Оскар“, филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ, вечерва ќе ја има својата скопска премиера во Македонскиот народен театар, во рамките на 26. издание на Скопје филм фестивал.
Црвениот тепих е најавен за 20:30 часот, кога ќе пристигнат режисерката, актерската екипа, авторите и гостите од филмската индустрија, додека премиерната проекција започнува во 21 часот.
„17“ е долгометражно играно деби на Косара Митиќ, кое низ приказна за созревањето, личните борби и предизвиците на младата генерација ги истражува прашањата за идентитетот, слободата и себепронаоѓањето.
Филмот досега учествувал на повеќе меѓународни фестивали и освоил награди и признанија, а неговото значење за домашната кинематографија дополнително го нагласува изборот за официјален македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен игран филм.
„Скопје отсекогаш имало пребирлива и страсна филмска публика, па одржувањето на вечерашната премиера е од суштинско значење за културниот пулс на градот“, изјави Ники Никитин, член на Советот и куратор на Скопје филм фестивал.
По проекцијата, посетителите ќе имаат можност да се сретнат со дел од актерската и авторската екипа и да дознаат повеќе за создавањето на филмот.
За сите што нема да присуствуваат на премиерата, „17“ од 6 ноември ќе биде на редовниот репертоар на киното Синеплекс.
Билетите за вечерашната проекција се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets.
Овогодишното издание на Скопје филм фестивал се одржува во Македонскиот народен театар и Младинскиот културен центар, со нова програмска структура и меѓународен фестивалски совет.
