Во Македонија во текот на 2025 година биле создадени 755.789 тони комунален отпад, што во просек изнесува 417 килограми по жител, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Иако количеството отпад по жител е намалено за 4,8 проценти во споредба со 2024 година, кога просекот изнесувал 438 килограми, речиси целокупниот собран отпад и понатаму завршува на депонии.
Собрани повеќе од 639.000 тони отпад
Во 2025 година комуналните претпријатија собрале 639.668 тони отпад, што е за 0,3 проценти повеќе во однос на претходната година. Според статистиката, ова зголемување се должи на проширувањето на организираниот систем за собирање отпад во поголем број населени места. Најголемо количество отпад е собрано во Скопскиот Регион, каде биле евидентирани 178.953 тони, што претставува 28 проценти од вкупниот собран комунален отпад во државата.
Домаќинствата создаваат најмногу отпад
Најголемиот дел од собраниот отпад потекнува од домаќинствата. Од вкупните количини, 537.341 тон, односно 84 проценти, се отпад од домаќинствата, додека останатите 16 проценти се комерцијален отпад создаден од продавници, ресторани, канцеларии и други деловни субјекти.
Податоците покажуваат дека селекцијата на отпадот и натаму е ограничена. Од вкупно собраниот отпад, 553.126 тони, или 86,5 проценти, се евидентирани како мешан комунален отпад. Од одделно собраните категории, најмногу има органски отпад – 34.757 тони, по што следуваат: 15.500 тони пластика, 10.217 тони хартија, 1.879 тони метал и 1.106 тони отпадна гума.
Речиси целиот отпад завршува на депонии
Статистиката покажува и дека постои разлика меѓу создадениот и организирано собраниот отпад, што укажува дека дел од комуналниот отпад не е опфатен со системот за собирање.
Воедно, најголемиот дел од отпадот не се рециклира, не се компостира и не се преработува. Според официјалните податоци, 99,8 проценти од собраниот комунален отпад во Македонија завршува на депонии, што укажува на ограниченото ниво на искористување на отпадот како ресурс и на потребата од унапредување на системот за селекција и рециклирање.