Лувр повторно ја отвора ограбената галерија Аполон

Накитот украден минатата година сè уште не е пронајден, а музејот најавува нова безбедносна соба без прозорци.
Фото: Pedro Szekely/Flickr

Галеријата Аполон во парискиот музеј Лувр, од каде минатата година беа украдени осум парчња накит вредни 88 милиони евра, повторно се отвора за посетители. Накитот нема да биде изложен, бидејќи тој сè уште се води како исчезнат. На отворањето ќе присуствува француската министерка за култура Катрин Пегар, потврди извор за агенцијата АФП.

Осумте драгоцености украдени во октомври 2025 година и натаму се бараат. Ограбувачите, преоблечени во градежни работници, влегле во галеријата користејќи камионска дигалка, потврди информиран извор за АФП, повикувајќи се и на извештај на весникот „Ле Паризјен”.

Претседателот на Лувр, Кристоф Лерибо, во интервју за истиот весник изјави дека збирките и драгоценостите кои претходно биле изложени сега се отстранети. За накитот што не бил украден ќе се формира нова безбедносна соба, трезор без прозорци, лоциран во друг дел на музејот.

Кражбата во Лувр, музеј што годишно го посетуваат околу девет милиони луѓе, откри сериозни безбедносни слабости во најпосетуваниот музеј на светот. Кризата предизвикана од настанот доведе до смена на дотогашната претседателка Лоранс де Кар.

Парламентарна комисија за безбедност на музеите во Франција оцени дека прашањата за безбедноста во Лувр во последниве години биле ставени во втор план.

е-Трн да боцка во твојот инбокс