Нови научни истражувања укажуваат дека лубеницата не е само освежително летно овошје, туку и намирница со значајни здравствени придобивки. Според податоци објавени во научното списание Nutrients, луѓето кои редовно консумираат лубеница имаат поурамнотежена исхрана, со поголем внес на витамини и антиоксиданси, и помал внес на додадени шеќери и заситени масти.
Посебно внимание во истражувањата се посветува на нејзиното позитивно влијание врз срцето и крвните садови. Студија спроведена на Универзитетот во Луизијана покажа дека сокот од лубеница може да ја подобри функцијата на крвните садови. Во текот на експериментот учествувале мали групи здрави испитаници кои секојдневно консумирале сок од лубеница во период од две недели.
Научниците ги издвојуваат аминокиселините L-цитрулин и L-аргинин, кои учествуваат во создавањето на азотен оксид – соединение важно за опуштање и проширување на крвните садови, што директно влијае на подобра циркулација. Резултатите покажале и позитивен ефект врз срцевиот ритам и метаболичките процеси, иако истражувачите нагласуваат дека се потребни дополнителни студии поради малиот број испитаници.
Лубеницата е богата и со антиоксиданси, особено ликопен, кој ѝ ја дава карактеристичната црвена боја. Овој природен пигмент помага во борбата против слободните радикали, кои се поврзуваат со процесите на стареење и развој на одредени болести. Поради тоа, се смета дека редовната консумација може да придонесе за заштита на клетките и подобро кардиоваскуларно здравје.
Покрај тоа, лубеницата е одличен извор на хидратација бидејќи содржи околу 92 проценти вода, а истовремено обезбедува важни витамини и минерали како витамин Ц, витамин А, калиум и магнезиум. И покрај ниската калорична вредност, таа придонесува за подобар внес на хранливи материи во текот на летните денови.